МАКЕДОНИЈА ЈА ЧЕКА СЕРИОЗЕН РИВАЛ: КОСОВО ВТОРА ЕВРОПСКА СЕЛЕКЦИЈА СО НАЈГОЛЕМ НАПРЕДОК ВО 2019-ТА!

Македонската фудбалска репрезентација за три месеци ја чекаат историските плејоф мечеви за настап на Евро 2020, а прв противник е соседно Косово во полуфиналниот бараж во Скопје на 26 март од 20.45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“. Иако на сите во земјава им е јасно дека Косовците не се наивни, потврда дојде од ФИФА – Косово е меѓу десетте селекции со најголем напредок за оваа 2019 година.

Северниот сосед имаше одлични квалификаци, иако во историјата им беа само втори, па во завршницата од квалификациите ја загубија шансата за директен пласман на Евро 2020, после поразот со пресврт во Чешка (1-2). Завршија на третото место, исто како Македонија, но тоа што го покажаа во квалификациите е дека станува збор за екипа која игра доста агресивен фудбал и има сериозен потенцијал предводена од Милот Рашица, ѕвездата на Вердер и Ведат Муриќи, напаѓачот на Фенербахче.

Косово ја заврши оваа 2019 година на 115-то место на ранг-листата на ФИФА и според рејтингот е далеку зад Македонија. Но, нивниот напредок во оваа година е очигледен, зашто освоија 61 рејтинг-поен по новиот ЕЛО-систем на рангирање и со тоа се најдоа меѓу десетте селекции со најголем напредок, а втори се во Европа, веднаш зад Италија, која со десет победи во десет меча ги заврши квалификациите. „Аѕурите“ освоија 71 рејтинг-поен во оваа година.

За разлика од Косово, кое напредуваше сериозно годинава, Македонија барем според ФИФА ранг-листата не покажа напредок. Како и ланската 2018 година, ја заврши и оваа 2019-та на 68-то место и во текот на изминативе 12 месеци, напрдокот беше откако во јуни и јули назадувавме, па се враќавме на позицијата од која ја почнавме годината. Сепак, сега пред Македонија е шансата на векот да се избори за историски настап на ЕП, прво поради домашниот терен, а второ и поради фактот дека оваа генерација има потенцијал кој треба да го потврди со вистински резултат.

Инаку тим со најголем напредок во оваа година е домаќнот на СП 2022, Катар, сензационалниот освојувач на Азискиот куп, откако напредуваше за 38 позиции и освои 138 рејтинг-поени. Зад нив е Алжир со 135 рејтинг-поени, па Јапонија со 89, Мексико со 81, Ирак со 73, Нигерија со 66, Хаити со 66, а во топ 10 покрај Италија и Косово е уште Мадагаскар со 58 рејтинг-поени освоени за 12 месеци.

Македонија во минатата 2018 година имаше неверојатен напредок од скоро 90 места, кога мизерното 166-то место го замени со 68-та позиција, што е најдобар наш пласман во изминатава деценија.

Извор: Спорт1

Слични Објави