Одлука за изработка Национална Стратегија за безбедност на РС Македонија
Владата, на денешната седница ja разгледа и усвои Информација за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност на Република Северна Македонија и донесе Одлука за формирање Управен комитет за координација и изработка на Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија, во којшто ќе учествуваат претставници на Владата и сите министерства како и од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
Националната безбедност е основа за просперитет на државата. Само безбедна средина може да обезбеди функционирање на зрел и демократски уставен поредок, одржлив економски раст, заштита на човековите права и слободи и одржливост на граѓанското општество.
Со оглед на изменетите околности во безбедносната средина настанати на европскиот континент, меѓу кои и воената агресија врз суверена и демократска држава на европскиот континент, како и постојаната закана од активни малигни актери и нивните обиди директно или индиректно да ја влошат постојната рамнотежа, постојат повеќе прашања околу обезбедувањето храна, енергија и клучни суровини, што влијаат врз стабилноста и потенцијалот за развој на одделни земји и региони, коишто треба да се разгледаат од призма на сегашниот геополитички и безбедносен контекст.