|

Нема плата за Пендаровски и Кабинетот: образложението од Министерството за финансии е неосновано

Претседателот Стево Пендаровски и неговиот Кабинет немаат земено плата за јануари, потврдуваат од таму за „Макфакс“. Тие велат дека претседателот вообичаено плата добива на први во месецот, исто како и вработените. Побарале образложение зошто им доцни исплатата, на што добиле објаснување. Од Кабинетот на Пендаровски за „Макфакс“ велат: „Образложението што го добивме од Министерството за финансии е дека во буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во Кабинетот на претседателот и го сметаме за неосновано“.

„Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот колективен договор со Синдикатот на вработените предвиде покачување од 5 % на платата само за државните службеници што се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, додаваат од претседателскиот Кабинет.

Тие додаваат дека барање за исплата на плата е изработено во согласност со законот.

„Барањето за финансиски средства за плата за јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии, е изработено во согласност со законот во рамките на одобрените средства во буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со колективниот договор за вработените при институцијата Претседател на Република Северна Македонија“, додаваат од Кабинетот за „Макфакс“.

Слични Објави