Потпишано Партнерство за безбедност и одбрана со Европската унија
„Оваа нова политичка рамка за дијалог и соработка во областа на безбедноста и одбраната ја потпишаа Високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ, во име на Европската унија и Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во име на Република Македонија, соопштија од МНР.
Неоправданата и неиспровоцирана војна на агресија на Русија против Украина ја истакна суштинската потреба за единство и солидарност во самата Европската унија, така и меѓу нејзините најблиски партнери, што дополнително ја нагласи важноста на зајакнатото Партнерство за безбедност и одбрана меѓу Европската унија и Република Македонија. Македонија е важен и вреден партнер за Европската унија во областа на мирот, безбедноста и одбраната, како и активен учесник во својство на трета земја во Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија (ЗБОП). Потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана е одраз на одличната и континуираната соработка меѓу Европска унија и Македонија и е клучен чекор кон потесна соработка за широк спектар безбедносни прашања, а во полза на граѓаните на Европската унија и Македонија, претставувајќи исто така и важен елемент на напорите на Македонија за интеграција во Европската унија. Новиот инструмент, меѓу останатите области, ги опфаќа областите на соработка за управување со кризи, поддршка за Украина, спречување на хибридни закани, сајбер прашања, градење капацитети и обуки, борба против тероризам и надворешни аспекти на интегрираното управување со границите, истакнуваат од министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Областите утврдени во Партнерството за безбедност и одбрана редовно ќе се разгледуваат, при што ќе се прави преглед на напредокот и ќе се даде поттик за натамошно јакнење на соработката, додаваат од МНР.