| |

Македонија според фантазиите на Јован Цвијиќ или според сведоштвата на керќата на Димитар Миладинов, Царевна Миладинова?

Пишува: Зоранчо Маринков

Како во денешна Северна Македонија, која официјално сака да стане член на ЕУ, во XXI-от век се шири пропаганда измислена на крајот од XIX и почетокот на XX век. Во прилог се принтскринови од македонски сајтови, во кои се истакнува изразот “се избугари”. Тој израз се наоѓал во речникот на македонскиот јазик и означувал дека нешто се расипало, како и нешто што е со најлош квалитет.

Проверката покажува дека страницата “Дигитален речник на македонскиот јазик”, со домеин .eu, веќе го има исфрлено од неговата содржина овој термин. Затоа пак на владината страница (makedonski.gov.mk), која што претставува официјален дигитален речник на македонскиот јазик, сѐ уште постои “се избугари” и објаснувањето за него.

Тоа е целосно истото објаснување на тој термин, што го дава великосрпскиот географ и етнограф – академикот на САНУ – Јован Цвијиќ. Во неговото дело “Набљудувања за народноста на македонските Словени” (Проматрања о народности македонских Словена) од 1906 година, за терминот “се избугари” и неговиот опис, Цвијиќ пишува дека го слушнал од жителите на село Куфалово, кое се наоѓа на 25 километри до Солун. Значи Цвијиќ не цитира некој друг да го кажал тоа пред него, туку тој лично соопштува за постоењето на терминот “се избугари” и за значењето на истиот.

Понатаму во истата книга, Цвијиќ ги повторува од порано познатите великосрпски теории дека зборот “Бугарин” не означувал народност во Македонија, туку означувал народност само во Бугарија. Тие теории се измислени од Милош Милоевиќ и “Просветниот одбор” во Белград во почетокот на 70-те години на XIX век, проширени се од друштвото “Свети Сава” од Белград и надградени од Јован Цвијиќ, Божидар Прокиќ и слични на нив во почетокот на XX век. Потоа се усовршувани од Александар Белиќ, Јован М. Јовановиќ и т.н.

Очигледно за Јован Цвијиќ, луѓето во Македонија и во село Куфалово били некакви малоумни идиоти, што самите себеси се нарекувале според поим што означувал расипаност и нешто неквалитетно. Исто така, тие се идентификувале себеси како Бугари, иако се бореле за српската народност?!?

-“Јас во јужна Македонија познавав српски приврзаници, кои се бореа и гинеа за српската народност, па сепак, за да се издвојат от Грците и Турците, се нарекуваа себеси и своите Бугари, а својот прост начин на живот и работа бугарски”.

Е, сега. Село Куфалово и неговите жители во крајот на XIX и почетокот на XX век, ги опишува родената ќерка на големиот преродбеник Димитар Миладинов, Царевна Миладинова Алексиева. Таа во тој период со своето семејство живее во Солун и директно е во контакт со куфаловци кои доште да живеат во нејзиното маало, солунскиот квартал – Пиргите. Описот е даден во нејзината автобиографска книга “Епоха, земја и луѓе” (Епоха, земя и хора) издадена во 1939 год. Книгата е издадена после нејзината смрт, од страна на синот ѝ, професор Владислав Алексиев.

Царевна Миладинова ги опишува жителите на Куфалово како големи бугарски патриоти, кои заедно со доселеници од Дебар се избориле за бугарско училиште во населбата Пирги во Солун. Куфаловци гордо го чествувале празникот на Светите браќа Кирил и Методиј во Солун и оддавале почит на браќата, коишто го покажале патот за воздигањето на бугарскиот народ.

Да ги видиме сега теориите на Јован Цвијиќ. Дали овие теории звучат познато денес?

“Како што широките народни маси на македонските Словени немаат национална свест, така и името Бугарин во Македонија не е народно име, не означува народност. Секој внимателен набљудувач, кој ќе помине повеќе време меѓу македонските Словени, мора ова да го почувствува.

Кога македонскиот селанец ќе го употреби името Бугарин, тој со него означува две работи: луѓе со прост начин на живот, во потчинет и мачна состојба, потоа ја става тука простата работна маса, којашто зборува словенски, во спротивност на Несловените, Грците и Турците, кои се над неа и ја сметаат за нешто пониско.

Првото значење е основно: со зборот “бугарски” се означува прост начин на живот, работи и размислување. Така на пример сакаа да кажат дека се “асли Бугари” (вистински Бугари), кога ќе им дојдете во куќата, па немаат садови и немаат што да ви понудат. За прост начин на работа кажуваат “бугарска работа”. Кога сака да одбележи дека нешто просто, селски зборува и размислува, Македонецот вели “прикажува каурски”, “прикажува бугарски”.

Од јужните Македонци (Куфалово кај Солун) ги слушнав зборовите “се избугари”, кога пченицата ќе се се расипе, не е за семе, “се побугари” во смисол: кога некоја работа ќе стане лоша; најлошата сорта на пченица ја викаат “бугарка”. Овие зборови, како и името Бугарин, имаат странски облик, кој не е македонски, и нив можеби македонските Словени ги прифатиле било од турските власти (во кои во минатото имаше многу муслимански Срби од Босна), било од Грците. Тие како владејачки или високи класи, можеле на тие зборови да им го дадат тоа значење.

Во широката, незафатена со пропаганда народна маса на македонски Словени, зборот Бугарин нема народносно значење. Има значи сосема друго значење отколку на пример во Северна Бугарија, кадешто за зборот Бугарин се поврзува национална свест. Нема ниту еден интелегентен Македонец, без разлика на која национална партија припаѓа, којшто ова не би го чувствувал. Тоа не им е јасно само на странските набљудувачи, коишто не го познаваат јазикот, или така малку го познаваат, што не можат да ги разберат чувствата и природата на еден, за нив туѓ народ.

Доколку има етнографско во македонскиот поим Бугарин, тоа значи Славјанин и славјанско. Тоа се гледа од овие примери во разни аспекти. Кога македонскиот селанец ќе слушни руски, српски или вистински бугарски говор, тој ќе рече дека и тоа е бугарски. Јас во јужна Македонија познавав српски приврзаници, кои се бореа и гинеа за српската народност, па сепак, за да се издвојат от Грците и Турците, се нарекуваа себеси и своите Бугари, а својот прост начин на живот и работа бугарски. Ако полуелинизираните македонски Словени се работници на чифлизи или воопшто припаѓаат на класата на земјоделци, тие исто така во разговорот себеси ќе се наречат Бугари, иако всушност се сметаат за Грци и зборуваат грчки”.

Да ги видиме и опишувањата за Куфаловци од ќерката на еден од најголемите синови на Македонија, Царевна Миладинова Александрова:

“Горно и Долнокуфаловци се крупни, силни, весели луѓе. Селата им се распослани на слабо-ридска рамнина покрај житните полиња отаде Вардар. Се наоѓаат некаде помеѓу долниот тек на реката, Ениџе Вардар и Гуменџе. Широките ливади што ги опкружуваат двете сродни и речиси соседни села го даваат најдоброто вардарско жито.

Нивната земја е росна и добро наводнета. Нивните големи стада, нивните крупни говеда во групи се мерат во бескрајното пространство на рамното поле. Секој што ја познава руската или полската степа може полесно да ја замисли целата далечна историја на населувањето на овие трудољубиви бугарски селани – овде, кои поминале низ вековите и останале живи за да ни се претстават во истиот стар вид, со истата душа, со истите обичаи, во истата стара облека, како некогаш кога доаѓаа од далечниот север да се закотват овде, во благословеното беломорски југ

Недалеку од нашиот дом, во Пиргите, низ годините се изгради цело бугарско маало на жители од Куфалово. Будни Бугари се Куфаловците. Таму, во селото, биле прогонувани од некоја странска пропаганда. Во исто време, населението се удвои. Егзистенцијата стана тешка, а работа во блискиот град – многу. Така, ова бугарско маало во Солун се исполни со селаните од Горно и Долно Куфалово. Со ова население се измешаа и други доселеници од околните села. Стана неопходно да се отвори училиште, да се изгради црква.

И двете иницијативи наидоа на илјадници тешкотии. Но, конечно, тешкотиите беа надминати. Се најдоа средства за изградба. Во нашиот дом беа дадени бесплатни соби за одделенијата. Дојде и една млада учителка, мојата поранешна ученичка Марија Думбалакова.

Оваа борба за училишни и црковни права на Бугарите од маалото Пирги продолжи доста долго време. Куфаловци потпомогнати од Дебрани (Куфалово и Дебар) го зазедоа централното место. Тие беа луѓе посветени на народната кауза. Луѓето од Куфалово се покажаа како бестрашни, мажествени и паметни во народните работи.

Се сеќавам како ние, со сите мои домашни, со уште неколку добри бугарски семејства, поддржани од многубројните куфаловци, на чело со учителката и децата од пиргенското училиштето, го прославивме денот на св. рамноапостоли Кирил и Методиј. Навечерието на празникот, подготовките, трчањето на мало и големо, уредувањето на росните градински и полски цвеќиња, венците од зеленило, луѓето, гајдите. Сето тоа ја наелектризираше и ја оживуваше душата на овој инаку суров, измачен, наработен народ. Спомен-денот на Кирил и Методиј ги направи куфаловчани да сакаат, да бидат ученољубиви, бодри. Тие во тоа време беа прекрасен материјал за уште попрекрасни народни дела.

На самиот празник на бугарските и сесловенските просветители, сите ние, стари и млади, жени и деца, отидовме во центарот на стариот град, каде што се наоѓаше бугарската општина и каде што беа, една до друга, бугарската женска и машка гимназија, зградата на педагошките курсеви, трговската гимназија училиште и основните училишта за пример.

Поворката до бугарскиот просветен центар на градот беше поворка на народ со длабоко верба. Чествувањето беше празник на нашата родна култура, на нашиот мајчин јазик и бугарската писменост. Бујно, посветено и бескрајно убаво беше учеството на тие Кирилометодиевски чествувања во Солун на скромните, но силни куфаловски селани.

Некој византиски император во деветтиот век, пред толку многу години, го беше назначил таткото на двајцата браќа, Кирил и Методиј, да управува со Солунската област.

Каква случајност!

Денес, илјада години подоцна, истите жители на истиот Солунски регион, по некоја случајност на нештата и по некоја предодреденост на судбината, се собраа да му оддадат почит на прославеното и драго за секое бугарско срце на делата на оние кои во себе открија божествено инспирирано откровение на нивниот народ, коишто го посочија патот на неговиот подем.

Низ четирите стрени на светот се распрснати сега овие достојни синови и ќерки на бугарското племе – Куфаловците. Ги среќаваме како бегалци овде во Бугарија. Дали им згасна во градите огнот на св.Кирил и Методиј?”

Слични Објави