Македонскиот совет од Мелбурн и Викторија во Австралија соопшти дека негови членови нема да присуствуваат на традиционалната церемонија на кревање на македонското знаме на плоштадот во Мелбурн. Како причина за таа одлука, тие го истакнуваат „срамниот Преспански договор и илегалната промена на името“.
Тие велат дека церемонија ќе ја бојкотираат, ако не им биде дозволено да го кренат знамето со сонцето од Кутлеш. За тоа да биде спроведено, австралиските власти бараат дозвола од македонските дипломатски претставништва во таа земја. Ако Македонскиот совет тоа сака да го спроведе, тоа значи дека ќе мора да напише писмо до Конзулатот на Република Северна Македонија, со што индиректно ќе го признаат новото име.
„Тоа ние никогаш нема да го сториме. За нас ова е навредливо и понижувачки“, велат од Македонскиот совет од Мелбурн и Викторија.
