Македонските Бугари и Европа- бескрајната потрага по слободата! (1)
На почетокот на овој октомври 2025 година, делегација на македонските бугари Владимир Перев, Георги Црномаров и Христијан Пендиков беа во Страсбур, по покана од европските институции за човекови права и борба против расизмот, за на дневен ред да бидат поставени (по којзнае кој пат) правата на македонските бугари и нивната уставна верификација.
Историски гледано, ова е процес кој трае повеќе од стотина години и го има својот континуитет низ европските институции. Уште со формирањето во 1919 година на Друштвото на народите (Лига на нациите) во Женева, како резултат од трагедиите во Првата светска војна, македонските бугари пишуваат редица петиции до таа организација, барајќи ги своите човекови, национални и религиозни права.
Бројни се организациите и поединците, македонски бугари, кои доставуваат петиции до Друштвото на народите за заштита на својот идентитет и човекови права, нарушувани од српската власт. Најважните меѓу нив се оние на Гена Велева (сопругата на Коста Црнушанов), Иван и Жермен Петрови и на Асен и Марта Татарчеви. Повеќето од тие петиции се одбиени од “триумвиратот“ на победителите во Првата светска војна, но една од нив е примена и разгледана, со соодветна позиција околу нарушувањето на правата на бугарите во Македонија, права нарушени од српската окупаторска власт. Тоа е Петицијата на Димитар Шалев од Скопје, Григор Анастасов од Кавадарци и Димитар Илиев од Велес.
Во наредните броеви ќе ви ја претставиме таа Петиција, заедно и со контроверзните коментари низ печатот на македонските бугари, за да ја прикажеме ситуацијата на идејната и идеолошка поделеност на македонското, но и бугарското општество. Сето ова ни го овозможуваат прекрасните, неуморни архивисти (сега веќе покојниот) Теодор Димитров од Женева и Цочо Билјарски од Софија, секогаш на страната на праведноста на бугарската кауза и борбата на македонските бугари.
Моето и нашето патување во Стразбур беше само продолжување на бескрајната верига на патешествија на македонските бугари низ институциите на Европа, во потрага по сопствената слобода!
Владимир Перев
Еден од најефикасните начини за надворешнополитичка пропаганда на ВМРО се мемоарите, обраќањата и петициите до Друштвото на народите, до премиерите на Големите сили и до светската јавност. Уште од најраните свои периоди Внатрешната организација е во тесни врски со бугарските влади, а нејзините мемоари и обраќања кон надворешниот свет најнапред се испраќани до бугарските влади. Примероци од нив се зачувани во архивата на Министерството за надворешни работи, во архивите на бугарските амбасади и конзулати, како и во архивата на бугарскиот дворец. И тоа не е случајно, бидејќи Внатрешната организација е бугарска револуционерна организација, а нејзините раководители и членството се Бугари по потекло. Не ретко може да се забележи и синхронизација во дејствијата на ВМОРО и бугарските влади.
Треба да се истакне и фактот дека јазикот на кој се напишани овие документи на ВМРО е бугарскиот, односно јазикот на нашиот народ во Македонија и на неговата револуционерна организација, како и францускиот, кој е јазикот на меѓународната дипломатија.
Идејата да се соберат на едно место сите мемоари и обраќања на Внатрешната организација сè уште е во подготвителна фаза, поради огромната количина на оваа документација што е без сомнение доказ за бугарскиот карактер на револуционерната организација. Нашите читатели досега имаа можност да се запознаат со повеќето од овие документи, но можеби најнепозната е акцијата на тројцата претставници на бугарското население во Македонија пред Друштвото на народите. Тоа се Димитар Шалев, адвокат и поранешен градоначалник на Скопје, Димитар Илиев, судија и адвокат во Велес, и Григор Анастасов, поранешен пратеник во Белградската Скупштина.
Силата на овој мемоар-петиција е во тоа што таа не е поднесена директно од името на ВМРО, туку од името на Бугарите во Вардарска Македонија, каде што до заминувањето за Женева сите тројца живееле и работеле во рамките на Југославија. Но за никого тогаш не било тајна дека тоа е уште една надворешнополитичка акција на ВМРО.
Својата петиција тие ја адресираат до сер Ерик Друмонд, кој е генерален секретар на Друштвото на народите. Зачувана и објавена е значителна по обем кореспонденција меѓу тројцата бугарски претставници и раководителот на ВМРО и член на нејзиниот Централен комитет, Иван Михајлов.
Првата петиција на тројцата е поднесена на 14 јануари 1930 година, но на неа е забележано дека е напишана во Скопје во декември 1929 година. Таа е проследена со уште низа нивни обраќања до Друштвото на народите. Тројцата дејци воспоставуваат тесни врски и со претставници на други национални движења и имаат амбиција да учествуваат во создавањето на меѓународна организација на потиснатите народи. Од таа нивна дејност исто така е зачувана богата документација. Д. Шалев и Гр. Анастасов до крајот на акцијата остануваат на позициите на ВМРО, додека Д. Илиев ја напушта Женева и се враќа во Југославија. Југословенските весници, а пред сè весникот „Време“, објавуваат обемни интервјуа и изјави со него. Независно од неговото повлекување, акцијата на тројцата претставува еден светол зрак во бугарската пропаганда пред цивилизираниот свет.
Нивното дело ќе биде продолжено од уште многу Бугари од поробена Македонија, како што се случаите со Гена Велева, д-р Асен Татарчев и неговата сопруга, инж. Иван Петров и неговата сопруга Жермен Петрова, и многу други.
Сега нашите читатели ќе имаат можност да се запознаат со целиот текст на првата петиција на Д. Шалев, Д. Илиев и Гр. Атанасов, како и со материјали од нелегалниот печатен орган на ВМРО, весникот „Слобода или смрт. Револуционерен лист“. Ви предлагам и три статии од протогеровистичкиот весник со истото име „Слобода или смрт. Револуционерен лист“, во кои се настојува да се дискредитира акцијата на тројцата претставници, бидејќи зад неа стои ВМРО на Иван Михајлов. Тука е вклучено и едно малку познато интервју на Иван Михајлов поврзано со акцијата пред Друштвото на народите.
Цочо Билјарски
БРОЈ 1 – ПЕТИЦИЈА НА ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ДРУШТВОТО НА НАРОДИТЕ
ЖЕНЕВА, 1 ФЕВРУАРИ 1930 ГОДИНА
Скопје, декември 1929 година
До Неговата Екселенција сер Ерик Дрюмонд,
генерален секретар на Друштвото на народите во Женева.
Според член 2 од договорот потпишан во Сен Жермен на 10 септември 1919 година меѓу главните сојузнички сили и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, заштитата на малцинствата што живеат во кралството е под гаранција на Друштвото на народите. Со потпишувањето на тој договор, кралството ја презеде обврската да им даде права на сите малцинства вклучени во неговите граници по 1 јануари 1913 година.
Со оглед на тоа, овие права и таа заштита се признати и за бугарското население во Југославија, приклучено кон неа по споменатиот датум. Врз основа на тој договор, населението се обраќа до Друштвото на народите со молба да се спроведе и примени договорот за заштита на малцинствата во конкретниот случај – за бугарското малцинство во Југославија, каде што тоа претставува компактна маса меѓу населението што живее во Македонија.
Десет години поминаа од склучувањето на мировниот договор. И покрај тоа, Сенжерменскиот договор за заштита на малцинствата остана мртва буква. Уште повеќе: бугарските малцинства во Југославија не само што се лишени од предвидените права во тој договор, туку се изложени и на систематска денационализација и насилна асимилација, без политички права, претворени во економски робови и осудени на беда.
Спротивно на постојните договори, југословенската влада ги уништи сите наши културни институции – национални, образовни и верски. Затвори 641 бугарско училиште со 37.000 ученици, протера 1.013 бугарски учители, конфискува и ги претвори во српски цркви 761 бугарски цркви, протера шест епископи, уништи 833 свештеници, ја уништи целата бугарска библиотечна и читателска мрежа, каде што ние го изучувавме мајчиниот бугарски јазик, забрани бугарски весници и списанија во Македонија. Со еден збор, југословенската влада уништи сè што можеше да служи за национален, културен и општествен развој на македонските Бугари.
Во спроведувањето на својата политика за уништување на бугарштината во Македонија, југословенската влада посегнува и кон мерки кои насекаде се сметаат за целосно негирање на современата цивилизација и на елементарните поими за слобода:
а) И покрај член 7 од Сенжерменскиот договор, ни е забрането да го користиме мајчиниот бугарски јазик на улица, во приватните односи, во трговијата, на собири итн., а за негово користење во печатот и публикациите не може ни да стане збор.
б) Нашите имиња насилно се променети со српски наставки. Крстувањето на децата со национални имиња е забрането, и сме принудени да ги нарекуваме според список изготвен од српските црковни власти специјално за Македонија.
в) Читањето на бугарски книги и весници е забрането под закана од најтешки казни. Во Кавадарци четворица млади беа осудени затоа што кај нив била најдена една бугарска книга.
г) Пеењето на бугарски народни песни се смета за злосторство. Во Тетово многу граѓани, предводени од еден свештеник, беа осудени затоа што на прослава пееле бугарски песни.
д) Југословенските власти ни забранија да ги празнуваме нашите национални и традиционални празници, наместо нив ни наметнаа српска „слава“.
ѓ) За да ја олеснат асимилацијата, властите насилно ги принудуваат младите девојки и жени од Македонија да се мажат за српски жандарми, поставени таму, а сите протести против ова насилство останаа без резултат.
е) На македонската интелигенција ѝ се одбива секоја општинска или државна служба; барањата им остануваат без одговор; некои се протерани од кралството, како што беше случајот со г-ѓа д-р Пиперкова од Скопје, д-р Наумов од Охрид, д-р Ципушев од Велес, други се интернирани, како инж. Караџов и д-р Тошанов од Штип, а трети се убиени – како Благој Монев од Штип и Рампо Попов од Прилеп – без да ги споменуваме бројните други убиства.
Ваша Екселенцијо,
Бугарското население во Македонија има длабока верба во големата мисија на Друштвото на народите и сака да верува дека тоа бди над точната примена на меѓународните договори. Затоа, свесно за правата што му се гарантирани како малцинство според Сенжерменскиот договор, и покрај големите страдања од насилната асимилација на југословенската влада, бугарското население во Македонија, организирано во своите национални организации, реши да нè испрати во Женева како свои законски претставници, за да ја поднесеме оваа петиција и да побараме заштита во својство на национално малцинство во Југославија — нешто од кое досега не сме се користеле поради познатото однесување на југословенската влада.
Ние, подолу потпишаните југословенски поданици, родени и што живеат во Македонија, кои сме вршеле разни јавни и политички должности и сме учествувале во политичкиот живот на нашата земја, како претставници на бугарското национално малцинство во Југославија, ја прифативме деликатната и патриотска мисија да ја поднесеме оваа петиција до Друштвото на народите, уверени дека со тој акт исполнуваме должност кон нашиот народ и кон цивилизираното човештво, бидејќи веруваме дека со тоа придонесуваме да се отстранат на мирен начин заканите за мирот.
Излагајќи го сето ова, го свртуваме вниманието на Друштвото на народите кон опасностите што го загрозуваат самото постоење на бугарското население во Југославија.
Истовремено изјавуваме дека сите овие и други факти изложени досега во петициите поднесени било од емигрантската организација на Македонците, било од други организации како Балканскиот комитет во Лондон, Француската лига за правата на човекот или Американската лига, целосно одговараат на вистината и на желбите на бугарското население во Југославија.
За отстранување на тешката и неподнослива состојба во која се наоѓа бугарското малцинство во Југославија, сметаме дека е неопходно да се преземат следните мерки:
- Да се признае националноста на македонското население и строго да се почитува под контрола на Друштвото на народите договорот за заштита на малцинствата.
- Да се дозволи враќањето во Македонија на нашите емигрирани браќа.
- Да се амнестираат сите политички затвореници осудени од српските судови само затоа што барале права и слободи гарантирани со договорот за малцинствата.
- Да се дозволи повторно отворање на бугарските цркви и училишта, изградени со многу жртви од самото население пред српското владеење во Македонија.
- За контрола на извршувањето на преземените обврски на југословенската влада според договорите, да се испрати во Македонија специјална комисија назначена од Друштвото на народите, која ќе внимава на нивното исполнување.
Ваша Екселенцијо,
Македонското население, кое имаме чест да го претставуваме, со радост ја прими веста за Вашето доаѓање во југословенската престолнина. Тоа е доказ за вербата што ова население ја има во Друштвото на народите и во неговата голема мисија да воспостави ера на целосна толеранција во односите меѓу народите — толеранција неопходна за мирот. Уверени сме дека оваа верба на нашите браќа ќе биде оправдана со начинот на кој Вашата Екселенција ќе ја разгледа оваа петиција.
Димитар Шалев, адвокат и поранешен градоначалник на Скопје
Димитар Илиев, судија и адвокат од Велес
Објавено во весник „Револуционерен лист“, година VI, број 110, 1 февруари 1930 г., стр. 6–7.