МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИ ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА

Истакнато Колумни Позиција

Последната  изјава на лидерката на бугарската опозиција Корнелија Нинова ( лидер на Бугарската Социјалистичка Партија-БСП), во која го обвинува премиерот на Република Македонија Зоран Заев за неговата изјава дека „ Илинденското востание е македонско“, предизвика пожар од реакции од двете страни на границата. Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој победи како кандидат токму на бугарската левица, отиде подалеку, и побара „ амандман“ во веќепотпишаниот Договор за добрососедство и пријателество помеѓу двете соседни земји. Поради тоа, премиерот Бојко Борисов реагираше со изјавата „ колегата Заев, да размисли два пати, пред нешто да каже“. Кому му одговараат овие свесни нарушувања на односите помеѓу двете соседни земји, со блиска и сродна  културолошка и етнолингвистичка поврзаност, но со тешка и обременета историја помеѓу себе си, токму во моментот кога Македонија е на прагот на историскиот исчекор во европските и евроатланските интеграции по потпишувањето на историскиот Договор од  Преспа со соседна Грција?

Руски нагазни мини во Софија и Атина

Како мал дел од мозаикот на пополнување на безбедносната архитектура на НАТО во Југоисточна Европа, членството на Македонија во алијансата претставува, „ губење на уште една ваакум територија“ од Западниот Балкан за Кремљ. Всушност, руската дипломатија работи на спречување на интеграцијата на државите од овој дел на Балканот во НАТО, како состојба на постојано присуство на „ црна дупка“ на Полуостровот, која може да предизвика безбедносни, воени, социјални немири и потреси , токму во предворјето на ЕУ и НАТО. Преку Иван Савидис, моќен нафтен олигарх, директно финансиски ги помага(ше) патриотските здруженија и организации кои жестоко се бореа против потпишување на историскиот договор. Сето тоа , поддржано од радикалниот клер во Грчката Православна Црква, и наци-фашистите од Златна Зора, претставува сериозен проблем за владата на Алексис Ципрас за институционализација на договорот. Кога никој не очекуваше, од Истокот задува руски ветер. Лидерката на бугарската опозиција, К.Нинова и бугарскиот претседател Р.Радев, создадоа проблем кој го немаше;ги распламтија повторно националистичките и темни сили од минатото, кои несмасно можат да ги искомплицираат односите меѓу Македонија и Бугарија, и да создадат реален проблем при интеграцијата на Македонија , пред се во ЕУ.

На мостот на компромисот

Само доколку, денешните бугарски политичари, научници, историчари, и самиот бугарски народ ја прифатат денешната реалност-дека постои и суштествува независна македонска држава и македонски народ, и само доколку македонските интелектуалци, историчари, политичари и македонскиот народ, ја прифати историската вистина, дека македонската политичка нација е создадена во 1944 година, како сплет на геополитичките околности и услови, и дека пред тоа историските дејци, револуционери, интелектуалци и учени, се тесно поврзани и испреплетени со бугарското национално ткиво, ние можеме да се најдеме на половина пат и да разговараме како два цивилизирани соседи, кои ќе ги уредат своите односи и ќе тргнат кон патот на соработката.

Патот на иднината

Срамот од немањето на автопатска и железничка поврзаност помеѓу двата главни градови Скопје и Софија, треба да биде основна пресвртница во подобрувањето на историските односи помеѓу двете држави и двата народи. Македонската и бугарската влада, треба да вложат максимални напори од петни жили, да создадат сообраќајни модерни врски, се со цел да се олесни комуникацијата помеѓу двете страни. Од друга страна, отворањето на културната , научната , уметничката, спортската и секаква друга соработка ќе биде плодно поле за запознавање на двата братски народи, и полека но сигурно отфрлање на историските стереотипи, митови и квалификации кои ги отежнуваа односите во изминатите децении, и кои не донесоа ништо добро.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки