|

„Макпрогрес Винчини“ најави итна обнова: сите 500 вработени ќе се вратат на работа

Фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ од Виница, која синоќа беше зафатена од катастрофален пожар, ќе ги обнови изгорените производствени линии и ќе ги врати на работа сите 500 вработени, потврди менаџментот на компанијата.

„Стихијата беше огромна и предизвика големи штети, но од денес започнуваме активности за итна обнова на производството. Дел од вработените ќе бидат ангажирани во преостанатите погони“, изјавија од „Макпрогрес Винчини“ за штипската ТВ Стар.

Во пожарот целосно изгореа три производствени погони, два магацини и административниот дел од фабриката. Според првичните проценки, штетата е милионска, а точниот износ ќе се знае по увидот на осигурителните компании.

„Макпрогрес Винчини“ е една од водечките компании во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија со извоз во 55 држави. Лани, вредноста на извозот изнесувала 35,8 милиони евра.

Во пожарот беа повредени 18 лица, меѓу нив пожарникари и вработени, кои беа пренесени во болниците во Кочани, Штип и на клиниките во Скопје. Министерството за здравство соопшти дека сите се во стабилна состојба.



Слични Објави