| |

ПОСТОЈАНОТО ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ Е НЕОДРЖЛИВО И ЗА ЕУ, ВЕЛИ ОСМАНИ

Постојано одложување на почетокот на преговорите е неодржлива состојба и за регионот, и за кредибилитетот на процесот на проширување и за ЕУ, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Сметам дека, имајќи ги предвид сите аргументи оти Република Северна Македонија ги испорача сите критериуми, дури и ги надмина критериумите за почеток на преговорите, треба да ги почнеме преговорите во услови кога 35 проценти од европското законодавство е дел од нашето законодавство“, рече Османи на прес-конференција по тематскиот работен состанок со шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва акредитирани во земјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во Унијата и НАТО.

Тој нагласи дека земјава влегува во старт на преговорите со една третина усогласеност со европското законодавство и со исполнети политички и економски критериуми, кои ги надминуваат условите за почеток на преговорите.

„Се направија сите потебни реформски решенија и се затворија сите политички прашања кои стоеја како пречка на патот. Мислам дека овие аргументи и разговорите со бугарската Влада ќе достават доволно предуслови преговорите да почнат веднаш, а Договорот за добрососдство секако е дел од обврските на државата“, додаде Османи.



Слични Објави