Макрон се залага средбата меѓу Зеленски и Путин да биде во Европа, ја предлага Женева
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин треба да се одржи во Европа, при што тој се залага тоа да биде во Женева, јавува БГНЕС.
„Ова е повеќе од хипотеза, тоа е колективна волја“, нагласи Макрон, одговарајќи на прашање за можноста за ваква средба, најавена по разговорите во Вашингтон помеѓу Доналд Трамп и неколку европски лидери.
„Тоа ќе биде неутрална земја, можеби Швајцарија, јас се застапувам за Женева, или некоја друга држава. Последен пат кога имаше билатерални разговори беше во Истанбул“, потсети францускиот претседател, цитиран од АФП.
Во однос на безбедноста на Украина, Макрон објави дека заедно со Обединетото Кралство ќе организира средба на „коалицијата на подготвените“ во сабота, 23 август. На состанокот, во кој ќе учествуваат 30 земји што работат на безбедносни гаранции, ќе бидат презентирани донесените одлуки.
„Во таа насока започнуваме конкретна работа со Американците, а нашите дипломатски советници, министри и началници на генералштабови ќе почнат да разгледуваат кој за што е подготвен да направи“, објасни Макрон.
Што се однесува до можните територијални отстапки, францускиот претседател истакна: „Украина треба да ги направи. Украина ќе ги направи отстапките што ќе ги смета за правични и добри“.
„Во секој случај, да бидеме многу внимателни кога зборуваме за признавање права. Не смееме да дозволиме државите што го гарантираат меѓународниот поредок да кажат ‘можеме да земеме територии со сила’, затоа што тоа би ја отворило кутијата на Пандора“, предупреди Макрон.

