„МАКСАМ ФАЈТ“ ОД ПРИЛЕП ПРОСЛАВИ 12 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ
Клубот за боречки вештини Maksam Fajt од Прилеп пред два дена прослави 12 години постоење. Клубот има учествувано на голем број натпреварувања во земјата и странство и може да се пофали со државни прваци во повеќе категории и возрасти.

Клубот настапува на сите државни првенства, а исто така и на меѓународни натпревари во Србија, Црна Гора, БиХ, и Швајцарија. Натпреварувачите на Maksam Fajt достојно ја претставуваат Република Македонија на овие спортски настани и досега имаат освоено голем број медали на меѓународно ниво.

Од септември минатата година клубот располага со сопствени целосно опремени и уредени за тренинзи простории во прилепската населба Точила.

Во моментот клубот брои околу 50 членови, пионери, кадети, јуниори, сениори и ветерани од двата пола машки и женски. Во клубот освен натпреварувачи тренираат и голем број рекреативци, што ги одбрале боречките вештини како начин, да ја одржуваат својата спортска форма.

„На 4 Февруари 2008 г. се одржа првиот тренинг. На почетокот бевме група пријатели, љубители на боречките спортови. Клубот работеше самоодбрана, после почна и кик-бокс и ММА (мешани боречки спортови). Денес сѐ уште тренираме, но во одлични услови,со препознатливи маици со наше лого,со целосна опрема,со стручен и искусен тим на членови,асистенти,натпреварувачи. Клубот е член на Кик Бокс Маи Таи Федерација на Македонија. Им благодариме на сите што овие 12 години се со нас, ни помагаат ,не поддржуваат. Им благодариме и на сите тренери, клубови, спортски организации со кои соработуваме, новинари ,пријатели, симпатизери. Продолжуваме и понатаму,со цел ширење и промоција на спортот, боречките спортови, здравиот начин на живот, пријателство, дружење и едукација“ изјави тренерот на клубот, Пеце Ангелески за нашиот портал.

