МАРИЧИЌ: ЧУЛЕВ ВО КРУШОПЕК ЗАГРОЗИ МЕЃУНАРОДНА АКЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ДРОГА
Заплената на кокаин во село Крушопек и апсењата „се тажна слика за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ и нивните кадри ги водат институциите во последните неколку недели во кои им е дадена можност според законот за Влада“, рече Бојан Маричиќ, главен технички преговарач на Македонија со Европската Унија, во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат М.
„Во трка по ексклузивни информации и покритие на овие лажни вести на ВМРО-ДПМНЕ дека нивниот технички министер се бори против криминалот и корупцијата, во трка по поткрепа на таа лажна слика, за жал, се доведе во опасност една сериозна меѓународна акција за борба против дрога. Акција беше работена повеќе од година дена, почната во време кога Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи и за еден килограм кокаин се доведе во прашање цела меѓународна акција за 1,3 тони“, додаде Маричиќ.
Техничката Влада, согласно Пржинскиот договор, со министри од опозицијата во неа, истакна Маричиќ, се формира за организација на мирен и фер изборен процес, „а не поради промоција на нови политики и докажување дека се подобри од некого и затоа се прават вакви киксови“.