МАС: БУГАРИЈА И МАКЕДОНИЈА МОРААТ ДА НАЈДАТ РЕШЕНИЕ, НИЕ НЕМА ДА СЕ МЕШАМЕ
Германското претседателство со Европската унија се надева дека Северна Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни, порача денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, на заедничката прес-конференција со неговите колеги од Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, пренесува Info.mk.
Мас по состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето со процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија, одговорајќи на новинарско прашање во врска со спорот меѓу двете земји, но и прашан како гледа на тоа дека наместо недоразбирањата да се решаваат во македонско-бугарската мешовита комисија, се прави обид за решавање преку европски дипломатски претставници, рече дека тие како германско претседателство со ЕУ, разговараат и со македонската страна, но и со Бугарија како земја-членка.
Нагласи дека во тие разговори се земаат предвид забелешките на двете страни. Но, потенцира дека станува збор за билатерално прашање и оти решението мора да го најдат засегнатите земји.
-Во смисла на продолжување на процесот за интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ морам да забележам дека кандидатот не треба да има нерешени прашања од каков било вид, било да се политички прашања или некакви историски настани во регионот. Таа земја ќе мора да разговара со земјата-членка со која има проблем и ќе мора да најдат решение. Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија на историчари имаше задача да го реши тоа и се надевам дека ќе биде најдено решение на ова билатерално прашања, бидејќи колку подолго овие проблеми опстојуваат ќе биде тешко да се организира процесот на проширување и Меѓувладината конференција, нагласи Маас.

