| |

Маверик и Јована

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов

Кој му е виновен на Зоран Миловановиќ што не се сетил да му се јави на „северномакедонскиот„ Врховен командант, гарант ќе му кажел – јас знаев уште од септември,октомври, дека застарено беспилотно летало од советски тип ќе падне во Загреб, ми кажаа од НАТО. – За жал, од НАТО не му кажале дека е возможно да се купи градежна парцела среде Скопје за 7 (седум) евра од квадрат. Е вака ли си разменуваат информации сојузниците, доликува ли да се крие таква информација од „нашите власти и и државни органи„?

А Миловановиќ можел да се јави и кај поранешниот премиер, сега има повеќе слободно време, дозволата од Регулаторна е во џеб, малиот ќе продава струја, а тој сега може да ја зголеми квотата на примени и пратени СМС пораки! Појдовните пораки може да почнуваат во стилот – почитувани, откако се врати животот, јас…секој може да ја заврши реченицата како мисли дека е исправно.
Еве и шанса и на опозицијата. Сигурно има место за уште еден проект меѓу тие илјада и кусур што „сто дена„ ги рекламираа. На пример, – Дрон за секој скопјанец, со бесплатен сервис во Грчец, или Матка. Или тоа, или бесплатен електричен автобус, па вие мислете му ја.

Не можам да ги разберам овие што имаат и бугарско државјанство. Не ги пуштале на граница. Па се разбира дека не ве пуштаат. Па зошто беше Макрадули во Софија бе!? Си го праќаш возилото препорачано по пошта од Софија, се качуваш како господин човек на авион и додека се прибереш дома, пратката веќе ти е пред влезот. Штедиш на време, нервоза, нема опасност да те поклопи карпа некаде по патиштава и немаш трошок за гориво. Другиот избор е автобус или евентуално покер апарат. Такви работи по правило не се проверуваат од страна на царината и полицијата. И некои други ситници кои не се важни за овој текст.

Денот на жената помина со маршеви и манифестации со видливо отсуство на ланските Мили и Немили, со вообичаените соцреалистички пароли,понекогаш неспретно спакувани во современ целофан. Истиот ден, Владата нареди „трудниците веднаш„ да се вратат на работа – ковид мерката престанува да важи!? Се разбира, активистите тој ден не читаа вести.

Како што „Марта е со сто ума„така и почетоков на месецов е исполнет со „остварени средби„ заложби и констатации дека „владеењето на правото е клучно за нашиот развој„ редица канализации,шахти и сокаци се „изведени за прв пат„ а кај и да е, некој ќе го открие и тркалото.

Во очекување на „нови предизвици„ и „усогласување„ на кризните мерки во „нашето Собрание„ ни останува да се надеваме дека секој од нас има шанса да биде назначен за амбасадор(или конзул) па макар и на волонтерска основа, оти и така бивало. На крајот на краиштата, па сите сме свои тука!

Слични Објави