„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЗА ОСКАР- ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ЗА ЗЛАТНИ МАЛИНКИ

И двајцата мои „херои“ се бивши премиери на Република Македонија. И двајцата после излегување од судница решија да покажат колку се нормални и хумани… колку се блиски со обичните смртници. Едниот од нив си купуваше ѓеврек и јогурт, па се интересираше за живеачката на чичкото со ѓевреците, а другиот пак отиде подалеку и му даде 2000 денари на еден бездомник.

Морам да забележам дека и двата настани добија повеќе од задоволително внимание од страна на медиумите. Не се случува секој ден поранешен премиер да се спушти толку ниско до обичните граѓани. Навикнати сме да ги гледаме нашминкани на промотивни видеа и секако како ни ветуваат „убавини“ од малите екрани секоја вечер во новинарските емисии.

Едниов од двајцата секако има далеку поголема историја како „шетач меѓу плебсот“, возеше точак на кеј, шутираше пенали на отворањата на спортските сали, настани, што се случуваа доста често во тој период во нашата мила Татковина, одеше пешки на работа, им мавташе на луѓето додека поминуваше на пешачки и така…

Другиот пак, правеше трибини и на тие трибини „верни на каузата“ дами му рецитираа песни и паѓаа во трансови за тоа како тој ја спасил Македонија и му искажуваа љубов достојна да биде опеана од поетите.

Некој можеби ќе си помисли дека двајцата многу си личат, но тоа не е така. Едниот е капиталист комуњар, а другиот е одбран да биде вмровец.

Можеби не гледате некаква преголема разлика во нивната желба да се претстават во „понародно“ светло, омешани со луѓето од заборавениот сталеж, но тоа е така бидејќи и на двајцата популизмот им е ѕвезда водилка.

Тој гол популизам, наместо државнички одлуки, денес 30 години по осамостојувањето на нашата земја, нѐ донесе до ситуацијата да гледаме позитивно на работи, за кои треба многу силно да се побуниме.

Повеќето од нас изгледа не ја разбрале поентата на мудроста (дозволете да ја парафразирам): „ако сакаш да нахраниш некого, не му давај риба, туку научи го сам да фаќа риби“. Точно поради таа причина партиските машинерии на овие двајца мои „херои“ на 12 април ќе излезат и како попчиња ќе си гласаат за нивните постави, надевајќи се дека ќе им се укаже прилика да се допрат до новите постави избрани од истите.

Бесплатен совет од мене, сменете си ги пиар мејкерите, почитувани, имавте доволно време да промените нешто на подобро во оваа земја. Луѓето се опаметија и нема да ви се фатат на фората да апстинираат за да можете пак вие сами да си се изгласате. Ќе ви се измешаат сметките.

PS: „Медена земја“ е за Оскар, ама вашето глумење другари е за „Златна малинка“.

Автор: Атанас Величков