|

Меџити: Целосно реновирана првата операциона сала на Клиниката за ортопедија

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, денеска, беше во посета на Универзитетската клиника за ортопедски болести по повод пуштањето во употреба на реновираната прва операциона сала, која е во склоп на оперативниот блок.

„Денеска сме во посета на Универзитетската клиника за ортопедски болести за убав повод, а тоа е пуштањето во употреба на реновираната прва операциона сала, која е во склоп на оперативниот блок, каде што има 4 операциони сали. Станува збор за целосно реновирање на првата операциона сала со помошни простории (соба за одмор и соба за премедикации на речиси 150 квадратни метри). Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 15 милиони денари, обезбедени од Фондот за здравство и со средства од донации“, рече Меџити.

Како што додаде, на Клиниката за ортопедски болести годишно се изведуваат 1.600 операции, а сега со новата реновирана операциона сала бројката ќе се зголеми и ќе стигне и до 2.000 оперативни зафати на годишно ниво.

„Оваа сала не беше во употреба од 2017 година и со нејзиното реновирање сериозно ги зајакнуваме капацитетите на установата. Би сакал да истакнам дека оваа клиника е пример за успешно менаџирање на јавно-здравствена установа. Пред 3 години комплетно беше реновирана Клиниката, а исто така се изведе и првата трансплантација на коска во државата. Пред еден месец, со буџет од Министерството, набавивме нов артроскопски столб наменет за пациентите. Редовно се инвестира во нова опрема, импланти и се вложува во здравствените работници. Среќен сум што ги подобруваме условите за работа на вработените, но и за престој на пациентите во болница. Вложуваме во инфраструктурата, во нова опрема, лекови и во медицинскиот кадар“, изјави Меџити.



Слични Објави