Меѓународниот одбранбен саем „Хемус 2026“ ќе собере над 170 компании во Пловдив
Бугарија од 3 до 6 јуни 2026 година ќе биде домаќин на 17-то издание на Меѓународниот саем за одбранбени производи и услуги „Хемус 2026“, кој ќе се одржи на Меѓународниот саем во Пловдив, јавува бугарското Министерство за одбрана.
Изложбата ќе се одржи под мотото „Одбрана, антитероризам и безбедност“, а фокусот ќе биде ставен на беспилотни летала, антидрон системи, кибербезбедност, гранична безбедност, вештачка интелигенција, автономни системи за надзор и анализа на информации.
Посебно внимание ќе биде посветено на европските финансиски инструменти и програми во областа на одбраната.
Саемот се организира под покровителство на бугарските министерства за одбрана, економија и иновации, а главен организатор е фондацијата „Хемус – 95“.
Во рамки на настанот ќе се одржи и 13-та меѓународна научна конференција, индустриски форум, демонстративни стрелби на полигонот „Змејово“, како и презентации на вооружените сили.
Организаторите очекуваат учество на повеќе од 170 бугарски и странски компании и организации на изложбен простор поголем од 5.000 квадратни метри.
