| |

Мехмети: Ако македонските научници имат податоци дека Гоце Делчев не бил Бугарин, тогаш нека го докажат тоа

Кај нас има некоја тенденција вистината да не се кажува до крај и кога биле во прашање овие бугарско-македонски односи, јас сум рекол додека Македонците се мачат со тоа дали Бугарите да ги има во Уставот или не, источна Македонија стана скоро ненаселена. Ова во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 го изјави публицистот и писател Ким Мехмети.

„Македонија ќе стане држава што ќе ја населат Пакистанци и Афганистанци, тие ќе станат 20% и тие ќе бараат да бидат внесени во Уставот“, вели Мехмети.

Според Мехмети проблемот на македонскиот народ не е во тоа дали некој го признава или не, туку во тоа што има слаби политички, културни и научни елити.

„Јас не зборувам за македонскиот народ, јас зборувам за елитите. Тоа е идентитетот на еден народ, и ако тие се неспособни, да одбранат име на држава, ако се неспособни да бранат историја на својот народ, тогаш не може да им биде виновен некој Ким и не можам јас да го бранам тоа“, дециден е Мехмети.

Познатиот писател истакна дека секогаш велел македонските научници со податоци да докажат дека Гоце Делчев не бил Бугарин.

„Ако вие како македонски научници имате податоци дека Гоце Делчев не е Бугарин, тогаш повелете докажете го тоа. Од тоа што јас сум го прочитал, сум прочитал дека тој се изјаснувал како Бугарин“, истакна Мехмети и на прашањето на водителот каде го прочитал тоа, додаде дека не ја чита само македонската историја, туку ги чита и албанската и српската и бугарската истории.
Мехмети вели уште дека не се проблем историските гледишта, но подвлекува дека има факти, кои не можат да бидат негирани.

„Ние можеме да дискутираме за се друго, но ако Ким Мехмети, оној што е пред вас рече дека е Албанец, за тоа нема што да дискутираме. Ние можеме да расправаме дали пишува добро или не пишува добро, дали има исправни политички ставови или неисправни. Не можеме да дискутираме околу нешто за кое, јас одлучувам кој сум, вие одлучувате дали сте Македонец или не сте, не одлучувам јас“, истакна Мехмети.



Слични Објави