Мелник и Петрич меѓу петте најубави планински градови во Бугарија
Многу е тешко да се направи рангирање на најубавите планински градови. Тоа е така затоа што секој од нив е уникатен сам по себе. Ви ги претставуваме најубавите 5 планински градови во Бугарија, сместени во 5 различни планини.
1. Трјавна – Стара планина
Трјавна, симболот на бугарскиот преродбенички дух, се наоѓа во долината на Тревненска река, на северните падини од Централна Стара планина. Според легендата, градот бил основан од избеганите трновци кога главниот град Трново паднал под османлиска власт.
Трјавна е позната како центар на традиционалните занаети: копаничарство, иконопис, кујумџиство, мутафчиство, гајтанџиство, свилено ткаење, градежништво итн. Стариот дел на Трјавна е прогласен за архитектонски резерват. Во градот има околу 140 споменици на културата. Еден од симболите на градот е Саат-кулата, која ќе ја видите во самиот центар. Изградена е во 1814 година и е со висина од 21 м.
На околу 20 метри од Саат-кулата се наоѓа камениот мост познат како Грбавиот мост. Изграден е во римски стил и датира од 1845 година. Откако ќе го поминете мостот, ќе се најдете на улицата на занаетчиството, каде и денес ќе ги видите делата на локалните занаетчии. Не пропуштајте да ја посетите куќата на Даскалот, која денес е музеј на резбарската и сликарската уметност.
2. Копривштица – Средна Гора
Копривштица и единствениот град-музеј во Бугарија. Се наоѓа по долината на реката Тополница, во Средна Гора.
Градот привлекува посетители од целиот свет со автентичната преродбенска архитектура, музички и танцови фолклорни фестивали. Во Копривштица има вкупно 388 архитектонски, историски, уметнички и етнографски споменици. Копривштица е позната и како родно место на големите Бугари: Георги Бенковски, Тодор Каблешков, Љубен Каравелов, Димчо Дебељанов.
Во Копривштица има над 40 антички фонтани од различни историски периоди и неколку антички мостови.
3. Мелник – Пирин
Најмалиот град во Бугарија се наоѓа во подножјето на планината Пирин. Низ градот тече Мелнишка река, лева притока на реката Струма.
Градот бил основан во антиката, но неговата историја била најтурбулентна во средниот век. Потоа градот сукцесивно преминал под власт на бугарите, византијците и србите, додека во 1395 година потпаднал под османлиска власт. Тоа бил главен град на деспотот Алекси Слав, кој се прогласил за самостоен владетел, со чие ктиторство бил изграден Роженскиот манастир во 1220 година.
Денес, градот привлекува посетители со својата живописна локација, меѓу уникатните песочни формации познати како Мелнишки пирамиди. Меѓу најинтересните знаменитости е Кордопуловата куќа – најголемата преродбеничка куќа на Балканскиот Полуостров. На само 6 километри од живописното гратче се наоѓа манастирот Рожен, до кој се стигнува по неверојатно убав пат низ мелнишките пирамиди.
4. Смолјан – Родопи
Градот Смолјан се наоѓа во јужна Бугарија, во планината Родопи. Името потекнува од словенското племе Смолјани, кои ги населувале овие земји во VII век. Денешниот град е формиран во 1960 година по обединувањето на три села: Смолјан, Рајково и Устово.
Денес во градот можете да уживате во прекрасен поглед од родопските куќи во стилот на Преродбата.
Меѓу највпечатливите од нив се Пангаловата куќа, Хаџиивановата куќа и други. Интересни се заоблениот мост од 18 век, сместен над реката Черна, природниот парк „Чинарот“ и многу други. Најголемиот планетариум во Бугарија се наоѓа во Смолјан. Во близина се наоѓаат живописните Смолјански езера. Градот е на само 15 километри од планинското одморалиште Пампорово.
5. Петрич – Беласица
Најјужниот бугарски град се наоѓа во подножјето на планината Беласица. На околу 10 километри од денешниот град, на падините на планината Кожув се наоѓала тракиска населба. Во римско време, малата населба кај Кожув била добро утврден римски град кој го чувал средниот тек на реката Струма – денешната Кресненска клисура. Во 1014 година овде се случила решавачката битка меѓу бугарската војска на царот Самоил и византиската војска. Остатоците од Самоиловата тврдина сè уште не потсетуваат на еден од најголемите варваризми во бугарската историја – ослепувањето на 14.000 заробени бугарски војници.
Вреди да се посети и античкиот град Хераклеја Синтика, кој се наоѓа на јужната падина и во подножјето на врвот Џонков врв, кој е дел од вулканската кота Кожув.