Мелони: Нема лесни одлуки во однос на војната во Украина
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, говорејќи пред средбата во Белата куќа, изјави дека Русија конечно е подготвена да преговара, но предупреди дека завршувањето на руската војна против Украина нема да биде едноставно или лесно, пренесува „Волстрит Џурнал“, јавува БГНЕС.
„Јасно е дека нема лесни решенија кога станува збор за прекинување на војна и изградба на мир. Сметам дека мора да ги разгледаме сите можни решенија за да обезбедиме мир, правда и безбедност за нашите народи,“ изјави Мелони.
Нејзините коментари контрастираат со тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп од 17 август, кој на социјалните мрежи напиша дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „може веднаш да стави крај на војната со Русија, доколку сака, или да продолжи да се бори“.
Изјавите на Трамп беа широко протолкувани од европските функционери како притисок врз Зеленски да ги прифати условите на Путин за прекин на војната, како што беше пренесено по време на самитот меѓу САД и Русија во Алјаска.
Мелони дополнително истакна дека Русија сега е отворена за дијалог, по повеќе од три и пол години во кои бараше само капитулација на Украина. Според неа, тоа стана можно благодарение на храброста на украинците на бојното поле и поддршката од обединетиот Запад.
„Единството на Западот, според мене, е алатката со која мора да го изградиме мирот,“ нагласи таа.
