Трамп со европските лидери и Зеленски: „Целта е едноставна – да ја запреме војната во Украина“
Американскиот претседател Доналд Трамп ја започна многустраната средба за прекин на војната во Украина со пофалби кон европските лидери, пренесува „Волстрит Џурнал“, јавува БГНЕС.
„Целта е многу едноставна – сакаме да ги запреме убиствата и да ставиме крај на конфликтот,“ изјави Трамп. Тој додаде дека на средбата се дискутирале многу прашања. Претседателот, претставувајќи ги лидерите, во шеговит тон го праша германскиот канцелар Фридрих Мерц „од каде му е тенот“, а за претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „повлијателна од сите на масата“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека имал „многу добар разговор“ со Трамп пред состанокот со европските лидери. „Разговаравме за многу чувствителни прашања,“ истакна Зеленски.
Трамп најави дека очекува тристран самит меѓу него, рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски. „Прашањето е кога, а не дали,“ нагласи тој, додавајќи дека наскоро ќе му се јави на Путин за да разговараат за датумот.
По разговорите во Белата куќа, Трамп изрази надеж дека речиси сите отворени прашања ќе бидат решени уште денес, вклучително и гаранциите за безбедност на Украина. „Имам чувство дека вие и претседателот Путин ќе успеете да постигнете договор. На крајот, тоа е одлука што можат да ја донесат само претседателот Зеленски и народот на Украина, заедно со претседателот Путин. И мислам дека ќе излезе нешто многу добро,“ рече тој.
Специјалниот пратеник на претседателот, Стив Виткоф, прецизираше дека гаранциите би биле „слични на член 5“ од НАТО – односно заштита слична на онаа што ја уживаат земјите членки на алијансата.
Трамп истакна дека целта на разговорите со европските лидери е да се договори „кој што ќе преземе“ во однос на безбедносните гаранции за Украина и дека на масата е и можен „размена на територии“ како дел од решението. „Претседателот Путин се согласи дека Русија би прифатила гаранции за безбедност на Украина. Тоа е едно од клучните прашања,“ додаде тој.
Американскиот претседател се изјасни оптимистички дека колективно може да се постигне договор што ќе ја спречи идната агресија против Украина, додавајќи дека одлуките за териториите ќе се носат според „тековната линија на контакт“.
