| |

Во Бугарија е објавен Ден на национална жалост во знак на почит кон настраданите во поплавата во Царево

Во Бугарија денеска е прогласен Ден на национална жалост за настраданите во поплавата во Царево. Во водена стихија животот го загубија четири лица.

Се очекува денеска да биде формирана Меѓуресорската привремена комисија најавена на владината седница за утврдување на причините за тешките последици од елементарната непогода.

Откако со едноминутно молчење им оддадоа почит на настраданите од поплавите во Царево, министрите од кабинетот „Денков-Габриел“ одлучија денеска да биде Национален ден на жалост во спомен на загинатите во поплавата.

Денеска се очекува да биде формирана комисија, предводена од заменик министерот за животна средина, Петар Димитров, која треба да ги истражи причините за тешките последици од невремето што го зафати регионот на Царево.

„Откако имаме луѓе кои ги загубија животите, сега е време да се обидеме длабински да анализираме кои се причините за тоа што се случи и да ги подготвиме овие акции кои ќе овозможат следниот пат кога ќе имаме ваква природна катастрофа, да бидеме подобро подготвени“, рече премиерот Николај Денков.

Кабинетот одвои и над 63 милиони лева за надминување на штетите предизвикани од катастрофата.

На ден на национална жалост знамето се вее на половина копје и не одржуваат настани од забавен карактер.

Слични Објави