Денков: Штетите од поплавите се за повеќе од 30 милиони лева, има пари за санација
Штетата од поплавите долж јужниот брег на Црното Море и Странџа е над 30 милиони лева, а државата може да ја покрие преку Фондот за одговор при катастрофи и несреќи. Ова го соопшти бугарскиот премиер Николај Денков, кој пред бугарските пратениците ги презентираше состојбите во регионот и реакцијата на државата:
„Моментално се достапни околу 60 милиони лева за надминување катастрофи и несреќи. Засега проценката на штетите во општина Царево е околу 30 милиони лева. Со други зборови, средствата во моментов се достапни и се работи за добра организација од страна на институциите за да може да се врати оштетената инфраструктура и луѓето да си го вратат нормалниот ритам на работа“.
По наредба на премиерот денеска ќе се формира група која ќе изврши увид на штетите и во рок од 14 дена од нејзиното формирање ќе поднесе извештај за главните причини за последиците од поплавата и како тие можат да се избегнат во иднина.
Ќе се проверуваат и темелите на мостовите бидејќи 3 од 4 жртви се поврзани со уривањето на мостот кај Царево. Може да се наметнат и промени во регулаторната рамка, потенцира Денков.
„Во врска со тоа дали ќе има виновни. Да, затоа се прават овие прегледи и виновниците мора да бидат именувани од соодветните надлежни органи. Очигледно е дека овие жртви се поврзани со мостот во Царево. Би сакал да знам дали има виновни за ова, што се урна мостот, но не го знам одговорот и не можам да кажам дали некој е виновен за тоа.Тоа треба да го направи истрагата, има и истрага од обвинителството , значи таа е таа што може да каже дали има некој виновен во овој случај“, рече премиерот.
Во октомври минатата година министерка за животна средина и води, Росица Карамфилова, презентираше извештај во кој е наведено дека во земјава има 360 речни делници со намалена водопроводливост и истите треба да бидат висок приоритет за финансирање.
Од нив 7 се во општина Царево. Во април оваа година владата издвоила над 60 милиони лева за 93 локации за превенција од катастрофи, од кои само 10 се споменатите во извештајот и само 1 е во општина Царево.
