Металуршката компанија „Софија Мед“ ќе изгради иновативна индустриска фабрика за рециклирање бакар во Софија за околу 19,5 милиони евра
Бугарската металуршка компанија „Софија Мед“ (Sofia Med) ќе изгради и ќе управува со иновативна индустриска фабрика за рециклирање бакар во рамките на проектот SVAROG, соопштија од компанијата, пренесува БТА.
Центарот за рециклирање бакар од нова генерација успешно ја помина фазата на оценување во рамките на повикот „Технологии за нулти нето-емисии до 2025 година“ на Иновацискиот фонд на Европската Унија и доби покана да пристапи кон подготовка на грантот. Планираната инвестиција е во вкупна вредност од околу 19,49 милиони евра, а предвидени се неповратни средства од Иновацискиот фонд во износ од 6,20 милиони евра.
„Софија Мед“ ќе ја изгради и ќе ја управува фабриката на локацијата на својот постоен објект во Софија. Во рамките на проектот SVAROG ќе се преработува недоволно искористениот, нискоквалитетен и мешан бакарен отпад во бакар со чистота над 99,9 проценти. Фабриката ќе извлекува вредни материјали кои во моментов претежно се користат за намени со пониска додадена вредност или се извезуваат надвор од Европа.
Во постројката ќе се користат современи технологии за ладно сортирање со помош на сензори, со оптимизација на процесот на рафинирање со согорување, управувана од вештачка интелигенција.
Постројката е проектирана годишно да преработува околу 30.000 тони бакарен отпад со сложен состав. Рециклираниот бакар ќе се користи директно во постојната леарница на „Софија Мед“, заменувајќи значителен дел од примарните бакарни катоди што во моментов се користат во производството.
Замената на примарните бакарни катоди со рециклиран бакар е клучна за очекуваните климатски придобивки од проектот. Производството на примарни бакарни катоди создава значително повисоки емисии на стакленички гасови во споредба со преработката и збогатувањето на секундарниот бакарен отпад. Според проектните прогнози, се очекува SVAROG да спречи емисии од околу 1,16 милиони тони CO₂ во првите десет години од работењето.
Инвестицијата ќе го зголеми капацитетот на Бугарија за индустриско рециклирање и ќе придонесе за задржување на вредните бакарни ресурси во Европа, поттикнувајќи ја нивната повторна употреба како суровина во европското производство, посочуваат од компанијата, која работи на глобалните пазари и нуди валани и екструдирани производи од бакар и бакарни легури.
