Методиј Иванов: Тезата на софиските македонисти дека историската вистина за бугарскиот карактер на Македонија е производ на живковизмот е најнеодржлива

//

„Во бугарскиот медиумски простор спорадично се објавуваат ставови на група либерално настроени луѓе кои демонстрираат блиски врски и поддршка за владата на Заев во РС Македонија. Повеќето од нив поддржуваат голем број македонистички ставови (вклучително и за посебното потекло на македонската нација и јазик)“, пишува бугарскиот публицист Методиј Иванов во опширен материјал со наслов „Каков е бугарскиот интерес во преговорите со РС Македонија“ објавен на порталот Faktor.bg.

Во својот напис Иванов ги опишува и побива со факти основните тврдења (нарекувајќи ги манипулативни) на тие либерални кругови во Бугарија, кои не се согласуваат со моменталната политика на официјална Софија и упорно ѝ даваат поддршка на Владата на Зоран Заев.

„Историјата не е важна за сегашноста, мораме да и свртиме грб и прагматично да гледаме напред во иднината. Добро позната максима е дека, тоj што го контролира минатото ја контролира и иднината. Кражбите и фалсификациите на нашата историја се посегнување на нашиот национален идентитет, на идеалите на нашите предци и на современата бугарска историја, јазик и култура. Тие се и сериозен предуслов за иредентистичките претензии на Скопје, кои се уште не се дефинитивно суспендирани и покрај потпишувањето на Договорот. Дополнително, во учебниците се присутни историски фалсификати, а преку нив веќе трета генерација македонски граѓани се воспитуваат во омраза кон Бугарија и Бугарите. Тие се и во основата на државната доктрина на македонизмот, која е и идеолошката основа за дискриминацијата на граѓаните со бугарски идентитет“, пишува Иванов.

„Доколку РС Македонија не биде примена веднаш во ЕУ, таа ќе остане заробена под руско-српска контрола. Ова тврдење е несоодветно поради две главни причини. Првата е дека РС Македонија е земја членка на НАТО и како таква не може да биде „заробена“ од земји непријателски настроени кон Алијансата. Членството на земјата во најголемиот воен сојуз е доволна гаранција за нејзината територијална независност и заштита од странска агресија, како и од мешање во нејзините внатрешни работи. Доколку постои загриженост дека Москва и Белград би можеле да влијаат на Скопје, членството во ЕУ не може да понуди никакви решенија во овој поглед. Само длабока реформа, демократизација на земјата и раскинување со сите зависности од тоталитарното српско-комунистичко минато можат да обезбедат нејзина независност и просперитет. Втората причина е што влезот на РС Македонија во ЕУ во нејзината сегашна форма ќе биде еден вид „тројански коњ“ на Србија и Русија во Унијата. Затоа и двете земји срдечно го поддржуваат нејзиното членство, и покрај тоа што немаат особено позитивни чувства самата Унија“, стои во статијата на Иванов.

„Тезата за постоење на некаква историска вистина е производ на бугарската националистичка наука од ерата на живковизмот, нејзините поддржувачи се ставиле во служба на странски интереси, главно руски. Ова е едно од најнеодржливите тврдења на софиските македонисти, од кои дел и официјално се на издршка од Скопје. Борбата за одбрана на бугарскиот национален карактер на населението во Македонија е започната децении пред раѓањето на Т. Живков и многу пред насилното наметнување на македонизмот. Доволно е да се разгледаат документите од нашата црковна борба (почната од македонските Бугари во средината на 19 век), од нашите преродбенички писатели од Македонија, од дејците на револуционерната организација ВМРО, од меморандумите на македонските Бугари до големите сили, од македонските иселеници САД и Канада, за да се види колку е неосновано ова обвинување. Но порано или подоцна, вистината секогаш победува“, вели во својата статија Иванов.



„Луѓето кои досега добивале бугарско државјанство не се чувствуваат Бугари и тоа го прават од себични побуди – за да можат да патуваат и да работат во Европа. Нормално е да се претпостави дека веројатно некои од нив тоа го прават за оваа цел, но тоа не е најважното во случајов, туку фактот дека за негово стекнување доставиле документи со кои се докажува нивното бугарско потекло. И денес, дури и да се идентификуваат како етнички Македонци, нивното потекло е документирано како бугарско и тоа е добро познат факт. Ова има значителни импликации од два аспекта. Прво, ја разоткрива една од главните идеологии на македонизмот – дека Бугарите никогаш не живееле во Македонија и второ, дава широка основа за полесно објективирање на историјата од страна на македонската историска наука“.

„РС Македонија не ја краде ниту ја фалсификува бугарската историја – ова е застарено размислување, во современата наука се почитува „мултиперспективноста“ на толкувањата, секој има право да толкува одредени личности и настани од своја гледна точка и да прави свои „интелектуални конструкции “. Проблемот е што историјата е наука, а не збирка на субјективни судови кои тврдат дека се научни. Таа има свои научни алатки – работи со историски извори, главно документи од соодветната ера, во кои црно-бело се напишани податоците за минатото. Кога овие податоци недвосмислено покажуваат дека мнозинството од населението во Македонија се самоидентификувало како бугарско, нема простор за толкувања и фантазии. Во тој поглед, бугарската историска наука е во целосна синхронизација со светската наука, која, на пример, едногласно го определува цар Самуил како бугарски владетел.

„Во текот на преговарачкиот процес и особено по стекнувањето на полноправно членство, РС Македонија природно ќе се промени и ќе престане да лаже за историјата и ќе го прекине говорот на омраза кон Бугарите. Ова е наивна утопија, бидејќи без поттикнување и поддршка на желбата за длабински реформи во македонското општество, не може еволутивно да се скршат оковите на србокомунистичката идеологија“ пишува Иванов.

Претходна статија

Уште 43 Авганистанци си заминаа од Македонија

Следна статија

Стоев: Софија очекува јасни гаранции од Скопје

Најново од Вести