Мицкоски и ризикот да се прифати помош од Бугарија
Пишува: Илија Стојановски
Во импровизирано интервју (дел од настанот „Македонија 2025“) премиерот Мицкоски ни соопшти дека, веста што ја примил во 3:30 часот на 16 март, додека тишината на Кочани беше растргната од вресоци, плач и пеколни пламени, го одбележала „најтешкиот ден во неговиот живот“. Природно, човек би помислил дека зборува за болката од изгубените 62 млади животи. Но не, од изјавата на премиерот излегува дека тежината, била сосема поинаква: дали да прифати помош од соседна држава со која има “сложени односи”. Заради последиците, кои според материјалите што излегоа во медиуми блиски до власта, биле и човечки и политички.
Пожарот ја уништи младоста, но изјавата на премиерот запали друга искра – онаа на срамна политичка калкулација во време кога требало да владее само една мисла: спасете ги луѓето. И наместо да биде пример за човечност, лидерство и обединување, Мицкоски одлучи да сподели со јавноста дека прифаќањето странска медицинска помош било “ризик” што тој „храбро“ го презел на своите плеќи.
Во превод: ако докторите доаѓаат од погрешната држава, можеби е подобро пациентите да почекаат. Или да се помолат. Или барем да не зборуваат на бугарски.
Иронијата е очигледна: во момент кога секунда значи живот, државниот врв се грижел дали соседот што подава рака ќе го компромитира „идентитетот“. Политиката се претвори во филтер – дури и хуманоста мора да помине низ неа.
Наместо благодарност, добивме самоистакнување. Наместо едноставна порака: „Направивме сè за да ги спасиме животите на настраданите“, добивме политичка исповед во стилот „го презедов ризикот“. Па нели тоа треба да биде очекувано, а не херојски чин?
Дали е толку страшно ако спасувачот зборува друг јазик? Дали телото што лежи во шок-соба се грижи за националната реторика? Или можеби во време на трагедија, сè што навистина значи е – да преживееш?
Со оваа изјава, премиерот не го издвои само „ризикот“, туку и предрасудите на еден политички систем што уште не може да се помири со идејата дека помошта, како и болката, не познава граници.
Трагедијата во Кочани беше можност за премиерот да покаже што значи вистинско лидерство. Наместо тоа, добивме политичко театро со доза патетика, малку национализам и многу самосожалување.
Ако животите навистина тежат повеќе од политиката, тогаш време е и политиката да го докаже тоа. Со дела, не со премиерски исповеди за тоа како бил разбуден во кобното утро на 16 март.
Во своето импровизирано интервју Мицкоски зборуваше и за интеграцијата на РС Македонија во Европската унија.
Европската унија? Ах, таа стара љубов! Секако дека сакаме во неа – како што некој сака да влезе во елитен клуб, но додека стои пред вратата, го навредува редарот и му вика: „Ќе влезам! Сакаш или не, јас ќе влезам“. Токму така изгледа и стратегијата на Христијан Мицкоски, премиер, визионер и – зошто да не – идниот тутор на Макрон по предметот „Демократија за почетници“.
Во својата последна изјава, Мицкоски не само што потврди дека ЕУ е наша стратешка цел (повторно!), туку и великодушно одлучи да им одржи лекција на САД, Германија и Франција за тоа како се победува. Јасно е, тие три држави едноставно не се снаоѓаат. Новиот германски канцелар Мерц се губи без компас, Трамп чека повик од Скопје, а Макрон, тоj треба да учи политика од Мицкоски.
Секако, оваа демонстрација на надмоќна дипломатија не е насочена кон Брисел или Вашингтон, туку кон домашната публика – која сака патриотски театри, ама без сценарио. Дај само да викаме „ние сме жртви“, „тие ни се виновни“, и секако да не заборавиме да ја спомнеме фразата „национален интерес“. Не е важно што судството е со рекордно ниска доверба кај граѓаните, слободата на говор е на ригорозна диета, а владеењето на правото е во кома – важно е да се вика.
И најубавото? Да ја обвинуваш ЕУ дека не те разбира, додека ѝ го кршиш прозорот од дневната соба со сопствениот мегафон. Тоа не е само политичка стратегија – тоа е уметност! Балканска комедија со елементи на трагедија. За Оскар.
Но, да не се секираме, ние само што не сме почнале преговори. Сигурно Брисел чека само уште една инспиративна исповест од Мицкоски за да ни ги отвори вратите. Можеби дури и ќе ги сруши – од воодушевување!
И за крај: не, господине премиер, никој во Брисел, Вашингтон или Марс не седи и не крои планови како да ви наштети. Но да, сите ве гледаат. И не, не со стравопочит – туку со блага саркастична насмевка, некаде помеѓу „па добро бе“ и „ова мора да е некоја скриена камера“.
PS: „Незначителниот дел од ЕУ“ за кој што зборува премиерот Мицкоски нема проблем со „тоа што сме Македонци“. Тој дел од ЕУ има проблем со искривувањето на историската вистина за македонските Бугари, негирањето на нивното постоење и непочитувањето на нивните права.

