МИЦКОСКИ НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ ЌЕ ИМА СРЕДБИ СО ПАРТИИТЕ ЗА ЕВЕНТУАЛНО ФОРМИРАЊЕ НОВА ВЛАДА
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека во следните денови ќе имаат средби со партиите кои освоија пратенички места за евентуално формирање нова влада, но притоа потенцира дека останува на ставот дека тоа нема да го прави по секоја цена, под закани и уцени, туку врз основа на програмски определби и визија за подобар живот на граѓаните.
„За мене политиката е на ниво на филозофија, на принципи и на програмски определби и начела. Оттука сите политички чинители кои ценат дека програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на изборите, а која најголем дел тоа би била и програма на работењето на идната влада можат да ја поддржат. Ние сме подготвени да разговараме не само со БЕСА, туку со сите политички партии од коалицијата предводена од СДСМ“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Мицкоски нагласи дека ако не успее да се договори за составување влада партијата ќе остане во опозиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека првата работа што ќе ја покренат во Собранието е поднесување закон за испитување на потеклото на имот на политичарите и функционерите и на нивните семејства.
