ШЧО НАПРАИФМЕ И ШЧО ТРЕБИТ ДА ПРАИМЕ ОДНАПРЕД?

Длабоко загрижени и вознемирени од пандемијата со Ковид 19 наставниот кадар го очекува почетокот на учебната година и се прашува со што ли следно ќе биде на удар освен со осудата  и синонимот кој го добива како неработничка класа , а воедно и етикетата за неспособни воспитувачи чунки децата од дома не треба да се воспитуваат туку тоа е работа на вработените во образованието.

Ете стигнавме и до тоа дереџе кога се чудиме со што ќе не крстат од „горе“ и оваа година. Во нашиот образовен систем досега сѐ беше“ подмачкано „и со ред. Работата нималку не ни беше лесна, но сепак ни лепеа етикети на неработници и лежачи. На сето ова и (не) воспитаните деца ни ги натоварија на грб , како товар да ги носиме за потфрлањето на нечие родителствување.

Но, до кога наставниците ќе ви бидат виновни за нефункционалното образование во секој сегмент. Ги потрупавте со административни работи , не важни во образувањето на децата, книжниот дневник кој одамна требаше да биде минато сѐ уште постои ,наместо конструктивни и едукативни обуки и семинари се сведовте на компјутеризација , но без никаков успех. И овде потфрлија наставниците , така ? Учениците се помалку заинтересирани , а се повеќе невоспитани, се посилни во деградација на наставникот , се разбира со поддршка од родителите.

Порано се знаеше, наставникот беше авторитет , на наствникот зборот вредеше , наставникот беше збор со значење. Овој збор го сведовте како синоним за циркузант, другар, кловн и мета на оние чии деца не ги научиле на ред па бараат вина во наставникот кој и тоа како се трудел да направи луѓе од тие деца. Го симнавте на рамниште со оној,  на кого треба да му биде авторитет во очи и очекувате резултати.

Но , ајде да се навратиме на она што не очекува оваа учебна 2020/21 година. Надлежните институции и дел од родителите инсистираат на физичко присуство во училница  и покрај предупредувањето од експерти епидемиолози дека може да доживееме крах на оваа учебна година на самиот нејзин почеток. И покрај нелогичностите и контрадикторностите кои ги прочитавме во тоа на кој начин се планира да отпочне оваа учебна година, забележав дека суштинските одговори не се дадени. Во нашата земја во која има училишта од различен вид, од капацитет на деца до начин на функционирање не се најде еден единствен начин за работа на училиштата. Секако задоволни не можеме да бидеме сите, и родители и наставници, јас како наставник се согласувам дека најдобар и најефикасен начин за пренесување на нашето знаење е училницата, но не по секоја цена. Не по цена на нашето здравје , не по цена на здравјето на учениците , не по цена на здравјето на нашите семејства.

Од моја гледна точка вака би  било предвидено да изгледа еден час: Покрај дневните подготовки кои се неопходни за реализација на часот , да претпоставиме дека една паралелка би броела од 10 до 13 ученици, средство за дезинфекција секако би требало да носи секој ученик како и маската да ја менува секој ден доколку е еднодневна доколку не на секои 4 дена , а со тоа секако би требало и да потроши повеќе финансии. Е сега кога сме кај финансиите за маски кај секој ученик, а јас предавам конкретно во училиште со деца од ранливи категории кој ќе ги обезбеди маските кои тие секојдневно треба да ги менуваат??? Ова е финансиски удар дури и за оние чии родители имаат доволно за да си приуштат вакво нешто бидејќи дваесет и два дена по триесет денари маска се 660 денари од ученик месечно , а да не зборуваме за семејставата кои се повеќедетни, а токму тоа е случај во нашето училиште каде над 50 % од учениците се Роми. Овде ќе го ставиме доручекот односно ручекот ако е дозволен , како и средствата за дезинфекција кои да речеме би ги обезбедило можеби училиштето , ама можеби ,бидејќи не е еден ден . Така некој ден ќе има средство за дезинфекција , некој ден ќе нема.И со тоа ќе се помириме.

Но ајде да се навратиме и на авторитетот на наставникот, како тој ќе ги спречи да ги тргаат маските од лице и да си зборуваат, што со групното доаѓање на училиште без маски, што со одењето по завршувањето од училиште. Што со дружбите кои ќе ги има во затворен простор. Ќе има санкции или ќе функционираме повторно со  нашиот збор кој веќе знаеме колку им вреди , со исклучок на поедини деца чии родители сеуште се свесни и паметат што значи наставникот и дека образованието е пасош кон иднината.

Така , влегуваме на час дезинфицирани и ние и учениците , но СТОП ….што е со кваките , вратите , тоалетите, масите , столовите….ќе ги дезинфицираат и нив по секој час? Не ??? Во ред…идеме натаму, почнувам со лекцијата која треба да ја предадам за 20 минути , и таму ќе се снајдам , јас ја знам лекцијата но ученикот е тој кој треба да ја научи од мене. И како тоа ќе го стори кога не може да го восприема од мојата уста која не ја гледа под маската, мојот пригушен глас, а како пак јас ќе ги слушнам нивните одговори без притоа да се доближам на помалку од 2 метра знаејќи дека некој од нив мора да седи и во последната клупа, така е???

Еден ученик во клупа??? Крајот на часот ќе одбележи уште еден очекуван неуспех или можеби неочекуван успех …Сте замислиле дека децата ќе издржат пет часа со маска , без одмор ? Јас не би рекла дека ова ќе го издржат и два дена , колку и да се кратки часовите …Верувајте истите имаат потреба да станат, да се раздвижат , па и да ја тргнат маската.

Овде драги мои, ќе има колатерална штета, а тоа ќе бидат оние кои досега се чуваа, оние кои дома ќе го однесат вирусот и ќе го пренесат на ранливи категории , мајка , татко , баба , дедо…Овде ќе има жртви на избрзаното и непромислено стартување на оваа учебна година и сето тоа замислете со претходни предупредувања од стручни лица.

Ќе се потрудиме да функционираме како Германија, Шведска, Данска , но дали сме им дораснати драги мои колеги , дали можеме да си дозволиме еден ваков пад знаејќи за  здравствените капацитети и можности, дали сме им дораснати со нашата свест и совест, дали сме им дораснати финансиски или на било кој друг начин?

Одговорот го знаеме , но сепак и овде ќе премолчиме и гордо ќе ја кренеме главата и ќе ја свртиме затоа што сме немоќни , немоќни сме да ја раздениме вистината пред оние кои ја кројат судбината на образованието. Неединството нѐ доведе овде пред крајот…нѐ доведе на маргините ….Овој скок од висина верувам дека ќе освести многумина,  само едно ме плаши да не биде доцна!

Автор: Анна Симонова