МИЦКОСКИ НЕМА ДА СЕ ИЗНЕНАДИ АКО ВМРО-ДПМНЕ ОСВОИ 61 ПРАТЕНИК НА ИЗБОРИТЕ ВО СРЕДА

„Разочараноста е огромна, тенденцијата е да има промени, да дојдат политичари кои нудат надеж, политичари кои што знаат како да се справат со предизвиците, јас сум убеден во една огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ, па и не би ме изненадило ако имаме мнозинство во Парламентот, односно освоиме 61 пратеник“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со раководството на СОНК.

Тој истакна дека очекува сериозна поддршката од граѓаните за коалицијата „За обнова за Македонија“ и тоа како што рече, се чувствува секојдневно на средните со граѓаните.

„Цениме дека како победничка опција по овие избори ќе имаме голема комоција во делот на преговори и разговори со потенцијалните коалициони партнери водени единствено од клучниот столб во нашата програма, а тоа е како да навистина имаме правна функционална држава, а потоа сето останато кое што денеска е реалност во Македонија. Тоа е справување со Ковид пандемијата, справување со предизвиците во образованието, здравствената криза, економската криза. Сега сме пред есента кога ако потрае оваа ситуација со пандемијата како што трае ќе дојде на ред и сезонскиот грип. Така што сериозна и алармантна ќе биде ситуацијата, а никој тоа не го споменува“, рече Мицкоски.