| |

Мицкоски, средновековецот од Белград – и една лага за „бугарскиот Комитет“

Пишува: Илија Стојановски

Христијан Мицкоски повторно проговори. И, како и обично, кога ќе прозбори – некој друг му е виновен. Повторно – Бугарија. Според него, ние сме биле „средновековци“, а тој – горд европски лидер што не се повлекува „ниту еден милиметар“.

Да, да… Човек кој сѐ уште не може да признае дека во неговата држава живеат Бугари, објаснува како ќе ја води Македонија во ЕУ. Отприлика како некој што не знае да вози велосипед, а се подготвува да стане пилот на авион.

Колку и да се обидува да звучи независно, Мицкоски секогаш пее по српските ноти. Србија зборува – тој клима со глава. Бугарија бара нешто логично и европско – тој веднаш го почнува театарот: „чест“, „идентитет“, „национално достоинство“ и сите клишеа од српската школа. Па, не е проблем да имаш учители – ама барем нека бидат попаметни од тебе.

Најсмешно од сѐ е неговото образложение зошто не сака да ги внесе Бугарите во Уставот. Ќе чекал… „Македонците да бидат признати од бугарскиот Комитет за малцинства“.

Каков е тој комитет? Такво нешто во Бугарија нема. Никој таму не издава „етнички визи“. Во Бугарија секој може да се нарече како што сака– никој нема да го спречи. Постојат институции што ги штитат правата на сите – Комисија за заштита од дискриминација, Национален совет при Министерскиот совет, Хелсиншки комитет… но „Комитет за малцинства“ по ваш терк – нема. Нема што да се признава, затоа што нема што да се негира.

Во Софија, ако кажеш дека си Македонец – ќе те погледнат и никој нема да те осуди. Во Скопје, ако кажеш дека си Бугарин – веднаш ќе ти лепнат етикета „предавник“, „бугарофил“, „слуга на окупаторите“. А можеш и ќотек да добиеш, како што се случи со Христијан Пендиков. Ете ја целата разлика. И токму затоа ЕУ инсистира Бугарите да влезат во македонскиот Устав – за да постојат не само на хартија, туку и како дел од општеството.

А најголемиот кошмар за Мицкоски е вистината. Затоа што сите знаат – штом ќе паднат измислените граници во главите на луѓето, веќе нема да има потреба од ликови како него. Без омраза, без поделби, без непријатели – што ќе биде тогаш Мицкоски? Само уште еден неспособен управник, скриен зад државното знаме.

Често слушаме како Бугарија била „единствената пречка“ за влез на Северна Македонија во ЕУ. Бугарија не пречи – таа ја држи вратата отворена, само ако некој сака чесно да влезе внатре. Со правила. Со почит. Со меморија.

Бугарија е дел од ЕУ. Таа ја поддржува европската иднина на целиот регион – и на Македонија. Но таа поддршка не е слепа. Таа оди со услови што важат за сите – почитување на договори, почит кон историјата и кон идентитетот на соседите. Ништо повеќе, ништо помалку.

Како да има доверба, кога денеска се потпишува договор, а утре се прогласува за „мртов“? Кога бугарскиот јазик бил „измислен“, а заедничката историја – „пропаганда“? Тоа не е патот кон Европа. Тоа е враќање во минатото што сите велиме дека сакаме да го оставиме зад нас.

А во исто време – што ни објаснува Мицкоски? Дека сѐ било во ред. Дека неговото владеење било скандинавско. Немало скандали, сѐ било мирно. Ако е така – зошто тогаш вашата земја не ги исполнува копенхашките критериуми? Тие скандинавски ли се… или веќе ги пишува Белград?

Да не зборуваме за реалноста. Во Кочани – трагедија, па апсење на погрешни луѓе. Како вистината да е проблем, а не цел. Државата се полни со кредити, кои со години ќе се враќаат со камати. И сето тоа – под паролата дека само Бугарија пречела. Не!. Пречката не е Софија. Пречката е во самото Скопје.

За да влезеш во Европа, не е доволно да кажеш дека си Европеец, треба и да се однесуваш како таков.

Тоа што го прави Мицкоски не е политика. Тоа е театар. За домашна употреба. Ја кочи европската иднина на својата земја, само за да ѝ се допадне на публиката која верува во приказни од времето на Тито. А во исто време Брисел му вели: „Ако сакаш Европа, прифати дека во твојата држава има и Бугари.“ Сака да влезе во Европа, но ги мрази европските вредности. И сака датум за преговори, ама без реформи. Вели дека ги почитува сите, ама Бугарите – не. Тоа е како да се каниш на гости, а уште пред да ѕвониш на вратата – го навредуваш домаќинот.

Нема врска колку пати ќе ја навреди Бугарија, колку интервјуа ќе даде или колку гласно ќе удира по говорница – вистината не се менува. Бугарите во Македонија постојат. И порано или подоцна, ќе мора да бидат официјално признати.

Мицкоски се удира во гради дека ја брани „македонската чест“. А во исто време – го слуша Белград и го попречува сопствениот народ. А во Европа нема место за политичари што живеат во минатото и измислуваат институции за да ја прикријат сопствената слабост.

Светот оди напред. Само Христијан Мицкоски се движи во обратна насока – со карта на Југославија и компас што покажува кон Белград.

Колку погласно Мицкоски вика „нема Бугари!“, толку повеќе ги гледа насекаде. Во анкетите, во соседите, во извештаите на ЕУ, дури и во сопствената историја. А најлошо за него е што веќе и дел од младите во Македонија почнуваат да поставуваат прашања. Затоа мора силно да удира на тапанот – за да не се слушне гласот на разумот.



Слични Објави