| |

МИЦКОСКИ : ВИЕ НАЈДОБРО ЗНАЕТЕ ШТО ДА ОДЛУЧИТЕ

Прашањето за името е едно од најзначајните за нашата држава. Тоа е надпартиско, суштествено за постоењето и понатамошното дејствување на државата. Ова е прашање кое задира во историјата, го опфаќа делото на нашите предци, и се однесува на иднината, на младите или се уште неродените деца. Ова не е прашање само на Христијан Мицкоски и Зоран Заев, ова не е прашање само на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ова не е прашање за меѓупартиско препукување, или дневни прес конференции, ова е прашање за Македонија и сите нејзини граѓани, за нејзиното постоење и понатамошно градење. Токму затоа реков дека ова се историски моменти. ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите со граѓаните и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте кои сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи во предвид сето она што претходно го напоменав и јасниот став дека овој Договор е неприфатлив за нас, како и тоа дека се работи за надпартиско прашање, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред се за своето семејство и за нашата мила Македонија. Македонија ни е се. Нема партиите да одлучуваат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме и тоа ќе биде тоа.

Македонија не е само на Мицкоски, не е ниту само на Заев, туку на секој слободномислечки граѓанин. Имате се пред вас, и се е толку видливо и мерливо, и сите аргументи, и сите факти, и јас сум убеден дека знаете, знаете што треба да направите.

Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам и дека ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај, сосема на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија и е потребна мудрост и обединетост.



Слични Објави