| |

Милена Милотинова: 4 милиони прегледи во дигиталниот простор на БНТ за големото враќање на цар Самуил

Содржините на Бугарската национална телевизија (БНТ) за пречекот на посмртните останки на цар Самуил до утрото на 5 октомври оствариле четири милиони прегледи на дигиталните платформи на телевизијата, соопшти генералната директорка Милена Милотинова во емисијата „Денот започнува“, јавува БНТ.

За известувањето биле ангажирани екипи во Бугарија и во Грција, а биле користени 50 камери, од кои 40 на терен. БНТ обезбедила телевизиски сигнал и за други домашни и странски медиуми преку размената на вести на Европската радиодифузна унија.

„Првпат БНТ организира известување за толку голем настан за толку кратко време. Обезбедивме телевизиски сигнал и за другите телевизии, како и за телевизии во странство“, изјави Милотинова.

Таа им се заблагодари на сите вработени што учествувале во известувањето, вклучително и на екипите зад камерите.

Во истото гостување, Милотинова најави и претпремиерна проекција на шестата сезона од серијата „На тајна задача“ („Под прикритие“), закажана за вечерта на 5 октомври во салата 1 на Националниот дворец на културата (НДК) во Софија. Според неа, билетите биле распродадени на билетарниците за помалку од два дена, пред да почне онлајн-продажбата.

Поради интересот, организирана е втора претпремиерна проекција на 6 октомври во 20 часот, во истата сала.

„Оние што би сакале претпремиерно да ја гледаат шестата сезона можат да купат билети на билетарниците на НДК, каде што останаа малку, а поголем избор има онлајн“, рече Милотинова.

Слични Објави