| |

Милков: Ќе ги преземеме сите мерки за случајот „Пендиков“, тие веќе се во тек

Бугарија ќе ги преземе сите мерки за случајот „Пендиков“ и тие се веќе во тек. Ова го изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков за утринската програма на Бугарската национална телевизија.

Тој изјави дека кога се случил нападот врз Пендиков во РСМ, првично настанала паника и на различни нивоа признале дека се работи за кривично дело од омраза. После тоа почнале да се појавуваат сценарија дека Пендиков „бил нарко зависник и дилер, а најхрабрите тврдат дека бугарските клубови се места на организиран криминал и дека се финансирани од трговија со дрога“.

Ова е наратив што не можеме да го споделиме и ќе ги преземеме сите мерки“, рече Милков.

Тој веќе ги информираше министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на Советот за надворешни работи во Брисел.

„Писмен меморандум за овие прашања е доставен до сите земји-членки. Во нашата земја треба да се одржи средба со сите амбасадори на земјите членки. Ќе се користат и други механизми, меѓу кои и механизмот на ОБСЕ, кој се уште има набљудувачка мисија во Скопје. Ги имаме алатките на Советот на Европа“, прецизира Милков.

Бугарскиот министер за надворешни работи изјави и дека за прославата на Гоце Делчев на 4 февруари двете земји и главно институциите во РСМ мора да останат смирени и да се воздржат од какви било провокации за да се обезбеди потребниот ред, за да може секој што сака да отиде и да се поклони.

Тој потсети дека во фокусот на францускиот предлог е почитувањето на правата на Бугарите во РСМ, што е заслуга на претседателот.

Тој изјави дека не може да се стави вето на преговорите за РСМ, со оглед на тоа што тие не се почнати.

„Јас не сум поддржувач на ветото, но Бугарија секогаш има право на глас“, појасни Милков.

Тој не сакаше да ги коментира зборовите на македонскиот претседател Стево Пендаровски, туку само рече:

„Како доктор по историја, можам да кажам дека ако има жртви на едната страна – спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле убиени, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за „Голи Оток“, каде што стотици Бугари беа затворени и загинаа по Втората светска војна, само затоа што имаат бугарска самосвест. Тие немаат претстава за нивната историја бидејќи сè уште не ги отвориле архивите на тајните служби, можеме да им помогнеме во тоа ако тие сакаат“.

Милков смета дека Заедничката историска комисија е во траен ќорсокак, но мора да се вложат максимални напори за да се постигне напредок, бидејќи тоа е дел од меѓународните обврски на Бугарија.

Слични Објави