Милошев: Оваа година треба да биде најуспешна за поморскиот туризам во Бугарија
Оваа година треба да биде најуспешна за туризмот, изјави в.д. министерот за туризам Евтим Милошев на бТВ.
Запрашан за лична проценка околу тоа како тече туристичката сезона покрај морето во Бугарија, тој посочи дека откако има ваква статистика, најуспешна година за туризмот во Бугарија била 2019 година, пред да дојде започне КОВИД пандемијата. Закрепнувањето на туристичкиот сектор е побавно во споредба со остатокот од светот, но оваа година има апсолутна можност таа да биде најуспешна година за туризмот, додаде тој.
На прашањето дали е подготвен да остане во администрацијата како министер, дали е поканет во следниот кабинет, Милошев коментира дека ова е шпекулативно прашање. Ова е тимска работа, треба да знаеме кој, со кого, како, за што се работи, коментира министерот.
Од Милошев беше побарано да коментира за случај од одморалиште на Црното Море каде едно семејство платило 1.500 лева за преглед на дете. Тоа е исклучително важно за нас, бидејќи медицинската инфраструктура е дел од туристичкиот производ, коментира тој. Овој настан е како случајот со крокодилот – уникатен настан, но создава општ впечаток. Сите зборуваат за овие 1.500 лева, додаде Милошев. Според него, кога сме во „шпицот на туристичката сезона“, очигледно е дека медицинската инфраструктура не е доволна, што пак создава пазарни разлики покрај морето.
Министерот додаде дека медицинските центри во одморалиштата немаат обврска да работат со ФЗО, кој во спротивно ќе ја регулира цената на медицинската услуга или преглед. Во конкретниот случај со прегледот за 1.500 лева, министерот изјави дека е важно да се знае дали пациентот бил визуелно информиран за цените. Потрошувачот мора да ги знае своите права, рече министерот Милошев и напомена дека здравственото осигурување помага во вакви случаи. Милошев додаде дека имал повеќе разговори со Министерството за здравство и оттаму имаат направено потребните проверки.
Во врска со формирањето на Туристички гарантен фонд, Милошев рече дека тоа е нешто исклучително важно за бугарскиот пазар. Тоа во основа ја осигурува безбедноста на корисникот или туристот. Тоа значи дека ако тур-операторот преку кој туристите ја користат оваа услуга банкротира и не може да плати – фондот ќе покрие 100% од овие штети, објасни Милошев. Според него, во Бугарија во моментов нема таков механизам. Јавна дискусија за оваа идеја е во тек од 2 август.
Фото: БТА
