|

Милошоски: Анкетна комисија да утврди политичка одговорност за тоа кој го правел морбидниот профит на Онкологија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на денешната седница во Собранието уште еднаш ја повика власта да се формира анкетна комисија за утврдување политичка одговорност за тоа кој го правел морбидниот профит на Онкологија.

„Тоа што можеме да го видиме денес во здравството по скандалот на Онкологија е дека немало ниту стручност ниту хуманост. На Онкологија доминирал принципот за профит, пациентите биле натерани да купуваат лекарства, а истите лекарства, наместо да им бидат дадени, биле препродавани на црниот пазар. И ова е заклучок на Државниот завод за ревизија. Затоа, за да има одговорноста име и презиме, за да нема паушални нагаѓања кој е одговорен, предложивме формирање анкетна комисија за да се утврди политичката одговорност на тие што дозволиле ваков морбиден профит на сметка на здравјето и животот на пациентите на Онкологија. Се сомневаме дека тоа бил директорот од СДСМ, господинот Васев, и директорот од ДУИ, господинот Нухи. Тие двајца заедно со една веледрогерија, која е голем спонзор на СДСМ, веледрогеријата ‘Пановски’, чиј сопственик има и ќерка директор на една од клиниките, наместо да им бидат лекари на пациентите од канцер, директорите на СДСМ и ДУИ и сопственикот на веледрогеријата ‘Пановски’ биле канцерот во македонското здравство. Во нивно време не знаеме ни колку е бројот на пациенти што го загубиле животот од канцер, ова е дел од извештаите за кои вие не сакате да бидат разгледани на оваа собраниска седница“, нагласи Милошоски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски, праша и зошто се попречува формирањето на анкетната комисија за утврдување политичка одговорност за морбидниот профит на Онкологија.

„Во Собранието поднесовме иницијатива за да се формира анкетна комисија, кој го попречува формирањето на анкетната комисија за утврдување на одговорноста за морбидниот профит на Онкологија. Го попречува Талат Џафери затоа што не ја става точката на дневен ред да ја формираме комисијата, го попречува мнозинството од СДСМ и ДУИ, кои молчат. Нека се формира анкетната комисија и за кратко време ќе се утврди политичката одговорност за тоа кој правел морбиден профит на Онкологија“, посочи Милошоски.

Слични Објави