МИЛОШОСКИ ЌЕ СЕДНЕ НА ОБВИНИТЕЛНАТА КЛУПА ЗА СЛУЧАЈОТ „МОЌНИК“ НА 25 НОЕМВРИ
Првото рочиште за почетокот на судскиот процес за случајот „Моќник“ е закажано за 25 ноември годинава во 10 часот во Основниот кривичен суд во Скопје. Еден од обвинетите во овој случај е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Судскиот процес ќе го води судијката Ленка Давиткова.
Милошоски е обвинет за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Со него, обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.
Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.

