| |

Милотинова: Бугарските училишта во странство создаваат чувство на припадност

За мене е огромна чест да бидам меѓу луѓе кои прават нешто исклучително – вие создавате чувство на припадност, изјави генералната директорка на Бугарската национална телевизија (БНТ), Милена Милотинова, на Годишната конференција на Асоцијацијата на бугарските училишта во странство (АБУЧ), која се одржува денеска во Ректоратот на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува БТА.

„Кога едно дете ќе ја прочита својата прва приказна на бугарски јазик, тоа добива корени“, рече Милотинова.

Милотинова нагласи дека БНТ не е само јавна телевизија, туку и општествена меморија. Како што рече, преку специјализираниот канал за Бугарите во странство, БНТ 4, телевизијата може да биде врска меѓу Бугарија и бугарските заедници низ светот.

„Во ерата на социјалните мрежи, највредната валута е довербата. Наша задача е да обезбедуваме веродостојни информации. Би сакала БНТ да биде многу поблиску до училиштата и до учениците во странство“, изјави Милотинова.

Годишната конференција ја отворија претседателката на Управниот одбор на АБУЧ, Зорница Гоган, и портпаролката на Асоцијацијата, Симона Захариева.

На присутните им се обратија и Милена Димитрова, секретарка за култура, образование и врски со Бугарите во странство на претседателката Илијана Јотова; Красимир В’лчев, заменик-претседател на Комисијата за образование и наука; заменик-министерката за образование Сења Терзиева; извршната директорка на Извршната агенција за Бугарите во странство, Рајна Манџукова; новата ректорка на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Елиза Стефанова; д-р Венера Матеева-Бајчева од Катедрата за бугарски јазик како странски при Универзитетот; Елена Поптодорова, претставничка на Атлантскиот клуб во Бугарија; директорот на националната издавачка куќа „Аз-буки“, Емил Спахиски, и управителот на издавачката куќа „Клет“, Владимир Колев.

На официјалното отворање беа прочитани и поздравни обраќања од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и од заменик-претседателката на парламентарната Комисија за политиките за Бугарите надвор од земјата, Ивет Горанова.

Настанот на АБУЧ се одржува под покровителство на министерот за образование и наука, проф. д-р Георги В’лчев. Соорганизатор е Извршната агенција за Бугарите во странство, а домаќин е Катедрата за бугарски јазик како странски при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

На конференцијата учествуваат претставници на бугарските училишта од целиот свет, државни институции, универзитети, културни и образовни организации, како и партнери на Асоцијацијата.

Главен акцент се предизвиците и перспективите пред бугарските училишта во странство, зачувувањето на бугарскиот јазик, културата и националниот идентитет, како и развојот на партнерствата меѓу институциите и бугарските заедници низ светот.

Слични Објави