Минатото во тишината на историјата
Пишува: Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/ Нова Македонија
Знаете ли што е најтешко денес? Нема ништо психолошки поисцрпувачки од постојаниот притисок да се пазите од секој изречен збор и да се преправате дека верувате во работи што ви ги пласира власта, поради страв од негативни реперкусии. Дисидентите некогаш го нарекоа ова „двоен морал“ или „двојна свест“. Тоа ги излудува луѓето. Всушност, тоа е продолжено самоубиство на свеста. Тоа чувство, од најтемните времиња на комунистичката диктатура во Македонија, повторно се враќа. Се чини дека сеништето на комунизмот повторно ја прогонува Македонија. Повторно, како и во комунизмот, членовите на владејачката партија мораат да внимаваат на своите зборови и дела исто толку, или повеќе, отколку другите граѓани. Случајно да не ја згрешат. За жал, не сфаќаат, а и не можат поради ментален дефицит, дека за нив не постои ниту слобода на говор, ниту право на молчење. Како што од жителите на комунистичката држава порано се бараше да дадат позитивни изјави за верување и лојалност на партијата, така и денес тие се присилени да го направат истото тоа, поддржувајќи политики што се погубни за државата. Дури и за промена на историјата, промена на името на државата и обезличување на нацијата.
Колективната меморија им дава на луѓето чувство на припадност. Ние, ниту бевме земја ниту генерација што се справи со сопственото минато. Затоа ги одржуваме и промовираме митовите на минатото или користиме политички мотивирани толкувања на историјата за напад на противниците. Ние ги наследивме колективната меморија на комунизмот и историскиот наратив што ни го пишуваа нејзините следбеници.
За жал, не можеме да заминеме од нашата историја, каква и да е, без можност да се воздржиме од злоупотребите на историјата за политички цели. Интеграцијата на поранешните комунисти во независна Македонија секако не помогна за брзо политичко и економско стабилизирање на земјата. Секако за тоа требаше да се плати цената. А цената беше што неодамнешното комунистичко минато беше претворено во табу за кое не требаше да се зборува, со сите последици за жртвите на комунизмот и нивните потомци. Ова е една од важните и долготрајни противречности на македонското минато, кое го сместивме во тишината на историјата во последните три децении. Ниту порано ниту денес ова темно минато на Македонија е доволно истражено, напишано и отворено дискутирано без да постои изграден поширок консензус за оцената на овој период од нашата историја. Затоа минатото и понатаму ја прогонува Македонија на деструктивен и самоубиствен начин.
Спорот со Бугарија нѐ направи сведоци на невидено враќање на историјата. Тоа е зашто како независна демократска држави не успеавме да развиеме различен историски наратив за да може да се редефинира или реконструира минатото во светлината на новите околности. Во времиња на големи промени, луѓето се навраќаат на културната удобност барајќи нешто позитивно и стабилно во минатото. Кога ги премолчувате минатото и црните петна од истото тоа, го идеализирате на тој начин што креирате различни и контрадикторни имагинарни слики за нацијата спротивставени на фрустрациите на сегашноста. Што се случува кога овие слики имаат глас? Што се случува кога луѓето што се здружуваат околу идеалистичките имагинарии од минатото, одеднаш ќе се соочат со глас што ги вознемирува? Ништо. Молк и свесно одбивање да се чуе таквиот глас. Кога гласот станува премногу силен, тогаш општеството изградено низ идеализирана слика за своето минато се брани со стигматизација на секој глас што не сака да биде слушнат.
Затоа кај нас со таква леснотија историчарите ги мешаат политичките преференци со историски судови. Гледаме како историчарите играат судии во самоизградените судови на историјата. И потоа се чудиме кога нѐ обвинуваат дека историјата и историските наративи во Македонија се импрегнирани со политика. Да беше поинаку, немаше да прифатиме да преговараме за заедничката историја со Бугарија, поточно да влеземе во погубната авантура на преговори за асиметрична историја, која е сигурна формула за конфликт. Сигурно политиката и историчарите знаеле дека преговарачките страни што споделуваат асиметрична историја имаат мала веројатност да решат историски спорови и вообичаено таквите преговори завршуваат во ќор-сокак. Зашто секое наметнување историографски конструкции во градење некојаси споделена историја е онтолошки субјективно и пристрасно и е сериозна пречка да се врати минатото во односите на две држави како цела слика без шпекулативни претпоставки. Така, од епистемолошка гледна точка, научното знаење за минатото е невозможно. Затоа овој процес не може да успее. Не можеше да успее од почетокот, колку и да се трудат двете страни. Поточно едната, зашто нашата евтино си ја распродава историјата.
И, конечно, дајте да разберат нашиве бостан-политичари дека битките околу историјата сѐ повеќе се за иднината отколку за минатото. И дека ова што ни се случува со Бугарија е процес на историска реконструкција: обид да се дефинира или редефинира националниот идентитет. Велат дека историјата е постојан дијалог меѓу општеството денес и она од минатото. Или можеби монолог. Само се прашувам, за кое минато?