Во Нортхемптон се отвора ново бугарско училиште „Д-р Петар Берон“
Ново бугарско училиште „Д-р Петар Берон“ ќе биде отворено на 12 септември во Нортхемптон, Велика Британија, објави весникот на Бугарите во Англија „БГ БЕН“, пренесува БНР.
Во училиштето веќе се запишани 25 деца, распоредени во предучилишна група и прво одделение.
Свеченото отворање е закажано за 10 часот во „Abbey Centre Baptist Church“.
Новото училиште е подружница на Бугарското училиште „Васил Априлов“ во Портсмут, а наставата ќе ја водат Теодора Коларова и Александар Георгиев.
„По првичното објавување на иницијативата на социјалните мрежи, идејата наиде на сериозен интерес кај родителите“, изјави директорката Кремена Минчева за „БГ БЕН“.
За првиот училиштен ден е предвидено традиционално пречекување на децата со погача, шарена сол и мед. Во програмата ќе има фолклорни настапи и бугарско оро.
Секое дете ќе добие подарок, меѓу кои и маица со фолклорни мотиви, која во текот на учебната година ќе се користи и како официјална униформа. На првачињата ќе им бидат врачени и нивните први буквари на бугарски јазик.
По свеченоста ќе започнат и првите часови.
Иницијативата за отворање бугарско училиште во Нортхемптон започнала пред една година, а нејзини иницијатори се Стефан Цветков и Нено Динев. Значајна улога во реализацијата имаат Кремена Урумова, директорка на Бугарското училиште „Васил Априлов“ во Портсмут, и Кремена Минчева.
Наставата ќе се одржува секоја сабота од 9:30 часот и ќе трае три и пол часа.
Последните 30 минути од наставниот ден ќе бидат посветени на бугарски народни танци, а часовите ќе ги води фолклорната кореографка Наталија Кирилова.
