Минималната плата во Бугарија ќе изнесува 620 евра од 2026 г.
Бугарската влада донесе одлука минималната работна плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 1213 лева (620,20 евра). Со ова, најниското законско месечно примање ќе биде зголемено за 12,6% или за 136 лева во споредба со актуелната вредност. Минималната часова плата ќе достигне 7,31 лев (3,74 евра), информираа од владината прес-служба, пренесува БГНЕС.
Според проценките, повисоката минимална плата ќе ги зголеми приходите на околу 600.000 граѓани. Националниот завод за статистика наведува дека во второто тримесечие од 2025 година околу 456.700 работници биле вработени со целосно работно време и примале минимална плата. Зголемувањето за 12,6% ќе го покачи и надоместокот на околу 83.000 лични асистенти кои се грижат за деца и возрасни лица со попреченост. Ќе се зголемат и платите на приближно 30.000 работници во социјалните услуги финансирани од државниот буџет, како и на професионалните згрижувачки семејства и сите лица ангажирани преку програми за вработување.
Новата минимална плата е утврдена согласно одредбите на Законот за работни односи и е усогласена со една од референтните вредности за оценка на адекватност што ги препорачува Директивата на ЕУ за минимални плати. Според оваа методологија, минималната плата треба да изнесува најмалку 50% од просечната бруто плата.
Владата очекува повисоката минимална плата да придонесе кон намалување на сиромаштијата кај работниците, како и да ја зголеми куповната моќ и потрошувачката на најнискодоходните групи на пазарот на труд. Предложената сума од 1213 лева е во согласност со прогнозите за растот на бруто домашниот производ и состојбата на пазарот на труд во Бугарија.
