Драмскиот театар „Стојан Бачваров“ од Варна гостува во Битола со претставата „Како што милувате / As You Like It“
Со свечената премиера на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван, на 14 ноември ќе започне 11. издание на Шекспир фестивалот во Битола, кое годинава се совпаѓа со 81. роденден на Народниот театар Битола. Фестивалот, препознатлив по својата интернационална програма, оваа година повторно носи богата селекција од европски и светски театарски куќи, а неговото финале ќе го одбележи гостувањето на престижниот ДТ „Стојан Бачваров“ од Варна.
На 21 ноември, публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Како што милувате / As You Like It“, во изведба на Драматичен театар „Стојан Бачваров“, Варна. Ова гостување се вбројува меѓу најзначајните на годинешната фестивалска програма, бидејќи варненскиот театар важи за една од водечките институции во Бугарија, со силна традиција во современите и класичните театарски интерпретации.
Претставата, која го затвора фестивалот, се очекува да донесе свеж и оригинален пристап кон Шекспировата комедија, претставувајќи ја бугарската школа на режија, сценографија и актерска игра пред битолската публика.
Влезниците за сите претстави во програмата се бесплатни.
