|

Министерство за здравство: Септември е месец за превенција на самоубиствата – секој живот е вреден

„Септември е месец посветен на подигнување на свеста за превенција на самоубиствата и менталното здравје,“ порача Министерството за здравство.

„Ова е време за намалување на стигмата и поттикнување на отворен дијалог околу еден од најсериозните предизвици за јавното здравје – самоубиството.“

„Секоја година, според податоците на Светската здравствена организација, околу 720.000 луѓе во светот го губат животот поради самоубиство. Загрижувачки е што преваленцата е значително повисока кај мажите – 12,8 на 100.000 жители, во споредба со 5,4 на 100.000 кај жените. Дополнително, дури 73% од сите самоубиства се случуваат во земји со низок и среден доход,“ стои во пораката на Министерството за здравство.

„Во Македонија, најголем број на самоубиства се регистрирани кај лица над 50 години, но особено загрижувачки е порастот на случаи меѓу младите на возраст од 15 до 29 години. Самоубиството е меѓу водечките причини за смртност кај младите и тоа бара итна реакција,“ нагласуваат од Министерството.

„Министерството за здравство, заедно со Институтот за јавно здравје, работи на унапредување на системот за ментално здравје преку реформи во примарната здравствена заштита, отворање нови центри за психосоцијална поддршка и обука на здравствени работници и соработници за рано препознавање на ризик-факторите,“ стои во соопштението.

„Борбата против самоубиствата не е задача само на здравствениот сектор. Секој од нас има улога – како пријател, член на семејство, колега или сосед. Едно слушање, една подадена рака може да спаси живот,“ порачува Министерството за здравство.

„Ако забележите знаци на повлекување, безнадежност или очај кај некој близок – не чекајте, разговарајте. Ако вие се чувствувате преоптоварено – побарајте стручна помош. Не сте сами,“ додаваат од Министерството.

„Секој живот е вреден! Со емпатија, навремена поддршка и грижа можеме да го намалиме бројот на загубени животи и да изградиме општество кое се грижи – за сите,“ завршува пораката на Министерството за здравство.



Слични Објави