Кривична пријава за поранешен директор на дебарската подружница на ЈП „Национални шуми“
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Л.Р. (61) од Дебар, поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Според информациите од полицијата, осомничениот во текот на 2024 година, во својство на директор на Јавно претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ – ПО Скопје, подружница „Стогово“ – Дебар, објавил јавен повик за закуп на плац за складирање огревни дрва.
Наместо да ја спроведе постапката согласно законските прописи, тој подметнал фиктивна понуда за плац, наводно навремено поднесена, а притоа пропуштил да изврши должен надзор и увид дали парцелата ги исполнува минималните услови наведени во јавниот повик. И покрај тоа, спротивно на правилата, склучил договор за подзакуп и закуп на неизградено градежно земјиште во Дебар.
Со таквите постапки, како што се наведува во пријавата, Јавното претпријатие било оштетено за износ од 615.495 денари.
Надлежните институции најавија дека случајот ќе биде процесуиран, а истрагата ќе утврди дополнителни детали околу злоупотребите.


