|

Тошковски: „Безбеден град“ стартува од 1 јануари 2026, со пробен период од декември 2025

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во интервју за МИА, изјави дека проектот „Безбеден град“ ќе започне со примена на 1 јануари 2026 година, а граѓаните ќе имаат еден месец пробен период за информирање пред официјалниот старт.

Тошковски нагласи дека дел од потребните законски измени сè уште се во собраниска процедура. „Ова е пакет на закони – шест закони се поврзани со промената на потребната законска легислатива и дополнителните правилници. Во процедура е Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоци кој директно е поврзан со имплементацијата на ‘Безбеден град’, а понатаму ќе следат и измените во Кривичниот законик, Законот за извршување на санкции и други,“ појасни министерот.

Тој истакна дека системот ќе функционира во комуникација со граѓаните преку нивните мобилни телефони. „Формално-правно можеме да отпочнеме со имплементирање од 1 јануари 2026 година, со тоа што најдоцна до 1 декември 2025 ќе започнеме со активна примена на ‘Сејф Сити’ системот. Следните триесет дена ќе се користат за информирање на граѓаните дека сториле сообраќаен прекршок, со цел да бидат подготвени за официјалната примена,“ рече Тошковски.

Проектот, според министерот, има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да воспостави поефикасен систем на превенција и санкционирање преку дигитална комуникација со граѓаните.



Слични Објави