Министерството за регионален развој на Бугарија обезбеди 10,3 милиони евра за изградбата на граничниот премин „Клепало“
Објавена е поканата за изградба на граничниот премин „Клепало“ меѓу Бугарија и Северна Македонија. Инвестицијата е во вредност од 10,3 милиони евра, соопшти Министерството за регионален развој на Бугарија.
Отворањето на граничниот премин што ги поврзува Струмјани и Берово е стратешки проект во новата Програма за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021 – 2027 година.
Сега, на првиот состанок на Комитетот за следење на програмата, кој се одржа во Струмица, одобрено е Упатството за аплицирање за подготовка и изградба на граничниот пункт.
Корисници се Обласната управа во Благоевград и Царинската управа во Република Северна Македонија.
„Ова е всушност прва покана за аплицирање за програмата. Ќе го оствариме 20-годишниот сон на жителите од регионот, во многу важен момент во развојот на односите меѓу двете земји“, коментираше заменик министерката за регионален развој Десислава Георгиева која копретседаваше со состанокот.
Изградбата на новиот граничен премин ќе го олесни фреквентниот сообраќај меѓу двете земји, ќе го стимулира економскиот развој на регионот и ќе овозможи директен пристап до автопатот Струма, кој е важен дел од трансевропската транспортна мрежа.

