Министерството за здравство назначи нов директор на Клиниката за неврологија
Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека на чело на Клиниката за неврологија е поставен нов вршител на должноста директор – д-р Јован Божиновски. Во исто време, Министерството формирало комисии кои ќе ја следат и оценуваат работата на оваа установа.
Според министерот Алиу, промената доаѓа по објавувањето на видео-снимка на 10 октомври со содржина што, согласно член 111 став 1 точка 4 од Законот за здравствена заштита, претставува нарушување на угледот на јавна здравствена установа. Поради тоа, досегашниот директор д-р Игор Кузмановски е разрешен од функцијата, а на негово место е назначен д-р Божиновски – специјалист по неврологија и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје.
Алиу додаде дека Министерството е во координација со Лекарската комора, при што е формирана комисија во рамки на Министерството и е побаран инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. По спроведувањето на надзорот, ќе биде назначена и внатрешна комисија за стручен увид во работењето на Клиниката.
