Министрите за одбрана на Бугарија, Романија и Турција ќе разговараат за безбедноста во Црноморскиот Регион
Трилатерална средба на министрите за одбрана и на началниците на одбраната на Бугарија, Романија и Турција ќе се одржи на 28 октомври во Софија. Во фокусот на разговорите се очекува да бидат безбедноста во Црноморскиот Регион, соработката меѓу трите држави и координацијата на напорите за справување со заканите во морскиот простор, јавува БГНЕС.
Трилатералниот формат е насочен кон зајакнување на регионалната безбедност и практичната соработка меѓу сојузниците во НАТО. Средбата се одржува во услови на засилени напори за подобрување на безбедноста во Црното Море.
На 13 октомври, министерот за одбрана Димитар Стојанов со своите колеги од Романија и Турција Раду Мируца и Јашар Ѓулер разговараше за потребата од подобар надзор на морскиот простор, размена на разузнавачки информации и координација меѓу трите сојузнички држави и структурите на НАТО по инцидентите со трговски бродови во регионот.
Паралелно, Бугарија и Романија развиваат проект за Центар за поморска безбедност во Варна и Констанца, чија цел е заедничка анализа на ризиците и заштита на критичната поморска инфраструктура.
Една од важните области на соработка е и противминското дејствување во Црното Море. Бугарија, Романија и Турција учествуваат во заедничката противминска група во Црното Море, формирана со цел откривање и неутрализирање морски мини и намалување на ризиците за пловидбата по почетокот на руската агресија врз Украина.
Средбата во Софија ќе овозможи разгледување на актуелната состојба и на следните чекори во заедничките напори за зајакнување на одбранбените способности и соработката меѓу Бугарија, Романија и Турција.
