Министрот Алиу ја посети болницата во Гостивар – отворена нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија
Министерот за здравство, д-р Азир Алиу, денеска ја посети Општата болница во Гостивар, каде што беше претставено реновирањето на Ургентниот центар и пуштањето во употреба на новата хируршка сала за ортопедија и трауматологија.
Реновирањето на Ургентниот центар претставува инвестиција вредна 4 милиони денари, а новата сала, која првпат се отвора во Гостивар, е опремена со најсовремена медицинска апаратура во вредност од над 9 милиони денари.
– Ова е значаен чекор за здравствениот систем во регионот, бидејќи пациентите повеќе нема да мора да патуваат во Скопје за вакви интервенции. Денеска сме тука заедно со д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за ТОАРИЛУЦ, а веќе се закажани првите пет операции во новата сала, истакна министерот Алиу.
Во соопштението од Министерството за здравство се наведува дека во тек е постапка за вработување 37 лица од медицински и немедицински кадар, која ќе продолжи по изборите. Дополнително, во болницата веќе се ангажирани 28 специјализанти од различни области.

