|

Меџити: Дрисла ќе прерасне во современ еколошки проект со европски стандарди

По целосното чистење на депонијата Дрисла – една од најголемите рани на главниот град – започнува нова етапа во управувањето со овој простор.

Како дел од мерките за трајно решавање на проблемот, ќе бидат инсталирани кружни текови и физички бариери кои ќе го оневозможат неконтролираниот пристап и незаконското исфрлање на отпад.

На денешната прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата, Изет Меџити, изјави дека оваа акција е пример како треба да функционира еден одговорен град и институции што работат во интерес на граѓаните.

„Нема повеќе нелегален отпад. Нема влез без дозвола. Нема компромис кога станува збор за загадувањето. Ова е нашиот пристап – да чистиме, да заштитуваме и да градиме“, порача Меџити.

Тој истакна дека Дрисла се претвора во симбол на вистинска промена – од запуштена и заборавена депонија во контролиран и современ еколошки проект, усогласен со европските стандарди.

„Ова е победа на граѓаните и доказ дека постои власт што делува, а не се оправдува“, додаде Меџити, нагласувајќи дека ваквите проекти покажуваат дека чистото и уредно Скопје е достижна цел кога постои политичка волја и визија.

Проектот е дел од пошироката стратегија за чисто, безбедно и еколошко Скопје, во кое загадувањето и дивите депонии ќе станат минато, а секој граѓанин ќе живее во здрава и безбедна животна средина.

Слични Објави